Абортусот не е безбеден ако е маратон со пречки, потребна е смена на законот

Платформата за родова еднаквост одржа стручна расправа и консултации со експертската јавност во врска со законското решение за абортусот во Македонија. Од таму сметаат дека абортусот не е безбеден доколку е маратон со пречки, а тоа беше и темата на расправата по повод Меѓународниот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус (28 септември).

Рсправата беше организирана за да се отвори широка дебата помеѓу експертската јавност за измени на постојниот Закон за прекинување на бременоста, односно негово усогласување со човековите права и стандардите.

Повеќе од 30 претставници на граѓанскиот сектор, стручната фела и надлежните институции, лекари се согласија околу неопходната потреба од подобрување на ретроградниот Закон и ги поддржаа барањата кои Платформата за родова еднаквост ќе ги упати до Владата и до Министерството за здравство.

Тие бараат, Министерството за здравство во најкраток рок да формира експертска работна група која ќе работи на измена на постојниот или на донесување нов закон за прекинување на бременоста.

„Притоа, најмалку 50 проценти од учесниците во работната група да бидат претставници на граѓанскиот сектор, експерти од областа на правото и родовите права, како и претставници на Професионалното здружение на гинеколози и акушери. Министерството за здравство да обезбеди стручна ревизија на решенијата за измени во законската регулатива од страна на Светската здравствена организација со цел промените да соодветствуваат на техничките препораки на оваа организација за безбеден и легален абортус“, објаснуваат од Платформата.

Едно од спорните прашања е и Правилникот за содржината и начинот на советувањето на бремената жена пред прекинувањето на бременоста, донесен во октомври 2014 година.

Тие ќе бараат од Министерството за здравство да донесе итна одлука за негово повлекување, а до донесувањето на нов правилник порачуваат да се применуваат насоките за безбеден и легален абортус на Светската здравствена организација (СЗО).

„Министерството за здравство во соработка со граѓанските организации да спроведе кампања за подигање на свеста за употребата на модерна контрацепција со цел да се намалат штетите врз јавното мислење од повеќегодишната негативна владина кампања против абортусот“, објаснуваат од Платформата.

Во однос на медиумската кампања против абортусот „Имаш право на избор. Избери живот“, бараат да биде укината.

Од таму се надеваат дека ќе има закон за прекинување на бременоста кој ќе ги гарантира суверенитетот на жената врз нејзиното тело и нејзиното право на избор.

Измените на законот за прекинување на бременоста во 2013 година наидоа на критики од страна на јавноста, бидејќи жените сметаат дека со него се усложнува процесот за абортус и дека се коси со уставното право таа самата да одлучи за оваа медицинска интервенција.

Има примери во кои докторите и социјалниот работник од стручната комисија не дале дозвола за абортус, иако жените тоа го сакале. Некои од нив, не ни стапиле во контакт со тие лица кои од дистанца одлучиле во нивно име.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk