Вежби со кои можете да му помогнете на детето чиј говор доцни

Овие вежби се наменети за изведување во домашни услови и се наменети за родители чии што деца имаат потешкотии во развојот на говорот. Целта на овие вежби е пред се стимулација на говорно-јазичниот развој во услови на почетно говорење.

– Секој звук од околината пропратете го со вербална стимулација и движења ( на пример за часовникот велите тик-так, за звоното на вратата велите дин-дон и сл.)

– Помогнете му на детето да обрне внимание на звуците во околината, мотивирајте го да ги слушате заедно, да процените од каде доаѓа звукот и истовремено да го повторите

– Направете нешто а потоа веднаш стимулирајте го вашето дете да го повтори тоа што вие сте го направиле. На тој начин ќе ја поттикнете неговата желба да ве имитира. Не заборавајте да го наградите детето откако самостојно ќе оствари некоја задача ( браво, бакнеж, прегратка, јупии и сл.)

– Стимулирајте ја вокализацијата на детето со помош на слогови. Секоја активност што ќе ја правите вокализирајте ја (именувајте ја). Кога ќе се удри веднаш кажете Ауууу или на пример кога се лула велете лу-ла, кога ќе го исплашите не заборавете да го вокализирате тој момент со бу-бу, кога детето скока велете оп-оп и сл.

– Ономатопејата е исто така важен сегмент од говорниот развиток. Научете го детето како велат животните (крава- му, мачка-мјау, овца- бе-бе… и сл.)

– Кога го наведувате детето да направи нешто вербалниот налог нека биде јасен и краток. Едноставните налози како на пример ДАЈ или ЕВЕ, ДОНЕСИ и сл без додавање на останати зборови се полесни за разбирање и повторување.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk