Внесувањето на само 1200 калории дневно може да биде штетно

Објавено на: Jan 11, 2017 од Мама Весна

Многумина со желба да имаат повитко тело и помалку килограми прифаќаат предизвик да го минат денот со многу помалку калории од она што го внесувале претходно.

Што мислат нутриционистите: дали ваквиот начин на исхрана може да има последици и дали телото може да преживее со само 1200 калории дневно?

Ова ограничување може да влијае на плодноста и да е причина за анксиозност. Нутриционистката Урсула Филпот од Британската детска асоцијација, предупредува за лошите ефекти:

„Иако 1200 калории дневно е минимален број со кој просечна личност може да преживее, тоа не значи дека таквиот начин на исхрана е здрав. Постара личност ако не е активна или дебела, можеби и може да издржи со 1200 калории на ден. Но, многу е тешко да се постигне вистинското ниво на хранливи материи со таков строг режим, освен ако оброците не се внимателно испланирани.

Ако сте млади и активни ќе изгубите тежина и килограми со тек на време, но на телото ќе му биде потребно метаболичко прилагодување. Рацете и стапалата ќе ви бидат често ладни и ќе бидете опседнати со храната од време на време. Потоа следи анксиозност и генеално лоша состојба.“

Урсула објаснува дека тој број на калории треба да се гледа само како на почетна точка за бирање на здрава исхрана.

„Тоа би било како да се каже дека сите мажи мора да носат број на чевли 43. Постојат луѓе што може да живеат со 1200 калории дневно, но на други им се потребни 2400“ – вели таа.

Многу влијание има тоа како се чувствувате. Ако сте исцрпени, уморни, ако ви е студено, ако сте преокупирани со храна, ако имате вртоглавици, значи дека ви се потребни калории. Ако сте активни повеќе, внесувајте доволно јаглени хидрати, а ако имате вишок телесна тежина, намалете ги јаглените хидрати, а внесувајте протеини. Според Урсула, количината на храна што се внесува дневно зависи од годините, генетиката и нивото на активност.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…