Дали децата со аутизам се среќни деца?

Многумина би рекле, детето на кое постојано му се посочуваат негативностите кои произлегуваат од неговото однесување, без разлика дали тоа се случува од страна на родителите или професионалците не може да биде среќно дете.

Предводени од оваа претпоставка логично се поставува прашањето што е со децата со аутизам, дали тие се среќни во околина која можеби понекогаш изобилува со личности кои негодуваат за постоењето на тој уникатен свет во кој тие се чувствуваат можеби и пријатно, трудејќи се при тоа по секоја цена да го извлечат детето од таму?

На прашањето дали децата со аутизам се среќни деца одговара Ирена Лозана, мајка на прекрасниот Кан, дете кое манифестира симптоми на спектарот и Иницијатор на идејата и дел од активностите во Јога за деца со аутизам во склоп на Центоарот за срека Арт оф ливинг.

Јас пред се би прашала: Дали едно дете може да биде среќно ако ги гледа своите родители несреќни? Одговорот е не секако дека не може. Ние родителите многу често си ја забораваме својата вистинска улога со која сме и зошто сме во животот на нашите деца.

Но јас да почнам од себе од она што јас мислев дека треба да сум а сега знам дека не требаше така. Јас мислев дека треба да бидам жртва за своите деца за да бидат среќни и тоа бев и дури и сега понекогаш сум кога ќе ме понесе уморот и некој стрес. Мислев дека јас морам да зборувм за се што треба да научат, но не многу често и премногу зборував. Мислев дека треба да правам многу работи за нив и наместо нив за да бидат среќни, ама не работите никогаш не беа направени и покрај тоа што се трудев многу. И мисев дека децата нема да видат колку сум уморна, исфрустрирана, тажна и незадоволна од себе но не моите деца ме читаа како отворена книга и тие не беа среќни поради тоа.

А цело време сакав да бидат најдоброто што можев јас да го замислам за нив, ама не беа.

И се додека животот не ме натера да застанам со се и да се прашам зошто се ми оди толку тешко и зошто миите деца не се она што јас го замислував и го зборував цело време. Тогаш сфатив дека мојата цел и обврска е да им го покажам животот а не да го замислувам и само да зборувам за него.

Ако сакам да се среќни тогаш јас треба да бидам среќна.

Децата не го слушаат она што им го зборуваме какви треба да бидат, децата го прават она што го гледаат дека ние го правиме. Во ред ќе си речете, типичните деца ќе го разберат тоа што го правам па ќе го видат и ќе знаат како треба, но што со оние кои навидум не се во нашиот свет, што со моето детенце кое што си живее во своја приказна во својот спектар. Дали тој ја гледа и ја чувствува мојата среќа?

Во овој момент имам само една мисла и верувам дека сите лица со аутизам знаат за една работа.

Тие знаат за љубов, можеби не на начинот на кој ние сме навикнати но верувам дека доколку ние би се обиделе да го видиме тоа во нив ќе го најдеме и дури тогаш ќе можеме да ги направиме уште посреќни.

Во животот безброј пати сум се запрашала.. Дали сум добра и среќна мајка? Одговорот на прашањето скоро секогаш бил со констатација каква и да сум знам дека со едно нешто никогаш неможам да згрешам. А тоа е да ги сакам и да ги почитувам своите деца а другото се ќе биде вака или онака. Кога ќе бидеме подготвени за безусловна љубов тогаш ќе можеме да ги направиме посреќни и нашите деца.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk