Да се разбереме, моето дете не е аутистично

До третата година не проговори ниту збор, а потоа не заплиска со реченици. Така ќе биде и со неа, ќе видите!
Никаде не ја водиш, не ја мешаш со деца, не оди во градинка, затоа е тоа така. Да си игра почесто со деца ќе биде како нив!

Една сосетка ми покажува, на детето на својата пријателка, како со усните облкува збор. Не сум знаела дека не знам да говорам се додека таа не ми покажа каде грешам.

Повраќа, секојдневно. Морам да внимавам на храната, не смее да има ниту најмала трошка. Има запчиња но не знае да џвака. Зарем е можно тоа едно дете да не знае да ја џвака храната? Од оние парчиња кои не можам да ги изблендирам убаво повраќа. Повраќа и ако види пиперка, домат, праска, лубеница…

Само ние две, прекрасна е оваа пролет. Едно идилично пролетно попладне додека децата надвор ви се заиграни, но со стравот дека туку така можат да ви исчезнат од видот а да не знаат каде се и каде одат.

Како мојот живот стана толку тежок?

Друга сосетка ми кажува дека децата јадат само кога се гладни.

Генерализирани совети. Треба да постои предмет на факултет наречен – мудрост од сосетството.
Тогаш сите би знаеле се, тогаш може нема да има аутизам меѓу децата.

Не сум лута, не! Ми ја кажуваат вистината. Не разбирам како другите имаат по две, три, четири деца а јас едвај едно и со тоа тешко ми оди.

Нема смисла да ја водам на преглед. Мора да е проблемот во мене. Морам да пробам да го поправам тоа. Но што ако ја упропастив работата засекогаш и веќе не може да се поправи?
Таа спие. Копам низ интернетот вадејќи фрагменти од стручната литература што би ми користеле. Можеби би можела да учам со неа?

Така ќе направам. Има една страница на интернет со некакви картички на кои има сликички. Со нив учат аутистичните деца. Да се разбереме, моето дете не е аутистично.

Пробувам. Не оди. Не ме гледа ниту мене ниту картичките. Плаче и бега, вика до тој степен што мислам дека ушното тапанче ќе ми прсне.

Не можам да поднесам. Ми се оди да побегнам, но немам каде ниту пак реално сакам.
Таа како да не гледа, како да не слуша. Кога и зборувам како да си зборувам на самата себе. Рацете ми се тресат, очите ми се полнат со солзи. Голтам камчиња.

Ако ги пластифицирам картичките можеби ќе престане да ги џвака?

Само да гледа телевизија. Тоа се единствените моменти кога е мирна. Инаку, секогаш некаде виси, се качува, се повредува затоа што не е спретна. Става се во устата, нема страв од ништо.
Три недели работиме, по неколку минути дневно.

Не седи на столче. Лута, врти играчки, ги фрла.

Понекогаш си мислам да се биде полоша мајка од мене не е можно. Теоретски не е можно. Барем една работа да ми оди од рака. Ништо. Ни најмалку.

По три недели почна да седи. Дури четири полни минути. Одеднаш почна да ги именува работите на сликичките. Покажува лево а именува десно.

Покажувањето го смета за нужен ритуал.

Чувствувам дека мозокот ми врие од среќа. Немав време да пребројам колку пати повтори што реков.

Вториот ден бројам. Именуваше неколку картички. Можно ли е?

Дознав за нешто што се вика флортајм. Учиме емоции. Некогаш толку јако викам кога си играме, понекогаш од мака, понекогаш од среќа, понекогаш само да и го привлечам вниманието со некој неартикулиран звук.

Третата сосетка прераскажува на другите две дека се однесувам како да сум луда, особено кога сум дома и кога се слуша мојот неартикулиран глас.

Гледам, почна да ме приметува. Сето тоа се случува во рок од пет минути, останатите 55 од часот е агресивна. Се лути лесно. Удира. Штипе. Гребе. Гризе. Не сум исклучок на нападите. Не е ниту таа самата.

Си ги мијам раните и плачам како мало дете. Сето тоа што се случува е преку сите граници на разумот. Лудило. Па ќе се сетам, нема нешто што не може да го издржи мајката.

Немам избор. Сами сме дома. Јас и таа. Нема баби, нема дедовци. Мажот ми по цел ден е на работа за да можеме да преживееме.

Сопругот ме прашува зошто не сум расположена. Не знам од каде да почнам, а и не ми се почнува некако.

Морам да читам што е можно повеќе за аутизмот. Морам. Среќна сум што успеавме да го регулираме сонот. Ми вели тој, се однесуваш како да си командант а детето војник. Се смее, се шегува. Мене одамна веќе ништо не ми е смешно.

Му реков на Бог дека не го сакам повеќе. Тоа дека Господ ти дава толкав терет колку што можеш да поднесеш, извинете сите вие, но за мене е глупост.

Понекогаш си велам, ма не, не е аутизам. Само неразвиена комуникација. Тогаш доаѓаат стереотипите. Тие само доаѓаат, кучки подмолни!

Помислувам дека имам непријател против кого немам оружје. Се ми е одземено, живеам дишам функционирам со тој проклет аутизам.

Најсилната емоција е вината. Ме јаде одвнатре.

Не можам да си помогнам. Но морам да му помогнам на моето дете.

А првиот чекор кон тоа е да си признаам на себе- да моето дете има симптоми на аутизам.

Аутизам- да го изговорам на глас.
Да одам на лекар, секако.
И некако да преживеам.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk