Денеска е меѓународен ден на семејството

Денешниот ден (15.мај) е прокламиран од Обединетите нации уште во 1993 година како меѓународен ден на семејството. Според познавачите, овој ден претставува одлична можност да се подигне свеста за теми поврзани со семејството и да се зголеми знаењето за социјалните, економските и демографските процеси кои влијаат на семејството.

Последното истражување на УНИЦЕФ покажа дека начинот на кој се воспитуваат децата, во голема мера, претставува проекција на функционирањето на едно општество. А сликата на македонското општество, „насликана“ во истражувањето покажува голем степен на агресија.

Според ова истражување, седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години дома се дисциплинираат со насилни методи, односно со физички казни и психолошка агресија. Од УНИЦЕФ велат дека кај испитаниците постои верување оти насилните методи на дисциплинирање функционираат, односно 44 отсто од нив сметаат дека физичкото казнување е ефикасен начин за коригирање на однесувањето на детето, а 37 отсто мислат дека тоа се постигнува со психичкото казнување.

Токму воочи овој Меѓународен ден на семејството, во македонското собрание се разгледуваше и потребата од менување на постојниот закон за семејство и од воведување на заедничко и одговорно родителство после развод или разделба и како ретко кога, поддршка стаса од претставнички од двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Слаѓана Митовска од ВМРО-ДПМНЕ, инаку, дипломиран социјален работник, го кажа својот став и ја поддржа иницијативата исто како и нејзината колешка од владејачкото мнозинство, Јагода Шахпаска од СДСМ, инаку, специјалист по интерна медицина, и двете мајки и сопруги со цело работно време.

Во многу земји, денот дава можност да се потенцираат различни области на интерес и значење за семејствата. Активностите вклучуваат работилници и конференции, радио и телевизиски програми, статии во весници и културни програми кои ги истакнуваат релевантните теми.

Темата за 2018 година е: „Семејствата и инклузивните општества.“ Овогодинешниот собир ќе ја разгледа улогата на семејствата и семејните политики во унапредувањето на целта за одржлив развој во смисла на промовирање мирни и инклузивни општества за одржлив развој.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk