Децата да се држат настрана од политичката кампања

За време на изборната кампања по повод локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври, се повеќе деца и малолетници се злоупотребуваат во политички цели. Поради оваа појава во речиси секоја кампања, Првата детска амбасада во светот Меѓаши реагира на ваквите злоупотреби.

До нив пристигнале голем број на жалби за политичка злоупотреба на децата од скоро сите политички партии.

„Првата детска амбасада во светот Меѓаши повторно ги повикува политичките партии да ги поштедат децата од било какво инволвирање во политичките кампањи и политички маркетинг, без разлика дали се работи за носење деца на митинзи, облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца за да се добијат повеќе гласови. Тоа не смее да си го дозволи ниту еден политичар или кандидат/ка за изборите“, велат од таму.

Имено, политичката злоупотреба на децата подразбира политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок. Од Меѓаши потсетуваат дека детето не е објект на кој возрасните ќе му кажуваат што да прави туку е рамноправен граѓанин како и сите други и така треба да биде третирано.

„Како рамноправни граѓани на оваа држава децата имаат право да бидат информирани што се случува во државата, затоа што ова прашање нив директно ги засега и можеби повеќе и од сите нас возрасните, бидејќи иднината на земјава останува на нив. Но, носењето и учеството на деца како декор на настани со партиска позадина и агенда е политичка злоупотреба на деца за партиски цели. Не дозволувајте децата да бидат предмет на манипулација. Покрај тоа, носењето деца на партски митинзи може да биде трауматично искуство за нив, особено поради вообичаениот фолклор: собирање во толпа, викотници, присуство на вооружени полицајци, голем број непознати луѓе одеднаш, говор на омраза, навреди, омаловажување, поттикнување нетрпелиовст“, објаснуваат од Меѓаши.

Од таму бараат политичките партии, кандидатите на локалните избори за советници и градоначалници, родителите, старателите, да ги почитуват законите и Конвенцијата за детските права.

„Уште еднаш да потсетиме дека со Законот за заштита на децата член 12 став (4) се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување. Во 1991 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Во истата се вели: Се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје“, потсетуваат од Меѓаши.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk