Децата напуштени од родителите треба да бидат згрижени во семејства, а не во институции

Децата без родители и родителска грижа кои се до тригодишна возраст и се сместени во големи институции, имаат помали шанси да се развијат нормално и психички и физички. Семејството за секое дете е примарен извор на учење пред возраст од три години кога се формираат поголем дел од когнитивните, емоционалните и социјалните капацитети. Во исто време, семејството за детето е извор на сигурност, љубов, идентитет и припаѓање.

Ова го порача претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс. Според него, децата кои се сместени во големи институции, се под голем емоционален токсичен стрес што го успорува нивниот нормален развој.

Тој информираше дека 72 деца чекаат да бидат посвоени, а има 200 заинтересирани родители да посвојат дете. Околу 250 деца во Македонија, од кои 70 се на возраст под три години, го немаат правото да живеат во семејна средина.

– Треба да направиме три итни работи; прво треба да работиме со здравствениот систем и со системот на социјални услуги за да го спречиме напуштањето на децата на самиот почеток, второ треба да го подобриме и да го прошириме сместувањето во згрижувачки семејства и посвојувањето.Трето, за децата кои не можат да останат во своето биолошко семејство треба да воспоставиме мали групни домови во кои колку што е можно повеќе ќе се реплицира семеен начин на живеење – рече Перкс.

Професорот Кевин Браун од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Нотингем вели дека растењето на децата особено до тригодишна возраст во семејство придонесува за нивниот нормален како психички, така и физички развој.

– Во семејството, тие имаат емоционална поврзаност со родителите, нешто што го немаат кога се сместени во големи згрижувачки институции. Ниедна институција, не може да ја надомести загубата на нормално семејство затоа што престојот во нив е долг, а со тоа и можностите тие да претрпат штети во својот развој е поголем. Мал е бројот на негуватели кои се грижат за овие деца и тие најчесто се посветуваат на нивните физички потреби, а многу ретко можат да ги задоволат емоционалните – рече Браун.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска институциите не го даваат ефектот на развој и грижа за децата.

– Ќе создадеме услови- децата од 0-3 години до 2020 година повеќе да не се сместуваат во облиците на институционална заштита. Бидејќи секое дете е важно и бидејќи секое дете треба да расте со топлина, љубов и грижа од друго човечко суштество – рече Царовска.

Владата се заложи до 2020 година да се стави крај на згрижувањето деца до тригодишна возраст во големи згрижувачки институции, односно тоа да се замени со згрижување во згрижувачки и роднински семејства, односно форми најблиски до природното семејство.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk