Децата ни стануваат се подебели

Утре (11 октомври) ќе се одбележи Светскиот ден за борба против дебелината, а проблемот со дебелината е се повеќе присутен и во Македонија, посебно кај децата.Лошата исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина кај нас и во светот.

Анализите на Светската здравствена организација покажуваат дека во Македонија има зголемување на дебелината кај децата. Во 2016 година има зголемување на телесната тежина или дебелина споредено со 2010 година и тоа кај машките деца од 37,9 на 39,4 проценти, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9 проценти.

Преваленцата на дебелина е зголемена кај момчињата од 19,5 на 20,5 проценти, а кај девојчињата од 13,1 на 15,2 проценти.

Податоците на Институтот за јавно здравје на РМ покажуваат дека 62,7 проценти од мажите и 48,4 проценти од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а дебели се 19,6 и 17,2 проценти од нив, соодветно.

Лекарите велат дека дебелината е еден од најзначајните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, дијабет тип 2 и малигни болести.

„Спречувањето е комплексен процес кој не треба да е одговорност само на здравствените власти или личностите кои се соочуваат со него. Справувањето со овој проблем бара сеопфатна акција на повеќе сектори во општеството, односно пристап на „цела влада“ и „цело општество“. Луѓето кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели живеат со специфичен инвалидитет и со намален квалитет на живот. Појавата на болести кај нив е поизвесна и носи ризик од предвремена смртност“, велат од Институт за јавно здравје.

За да се спречи дебелината потребна е едукација заради поддршка во креирањето на здрава околина како и осигурување на лесна достапност до здрава храна преку подобрување на локалната околина поврзана со храната.

„Подобрување на локалната инфраструктура која ќе обезбеди можност за активен транспорт и физичка активност заради задоволство.Интервенции на пазарот во насока на поддршка на здрави избори во исхраната.Промоција на здравјето во текот на целиот живот заради заштита на здравјето на сегашната и на идните генерации“ се едни од препораките за превенција.

Институтот за јавно здравје ги повикува здравствените власти на централно ниво да го дадат потребното внимание на овој сѐ поизразен ризик фактор во нашата држава. Институтот ги повикува и сегашните и идни институции на локално ниво, да вложат дополнителни напори во насока на обезбедување на животна околина за своите граѓани која ќе промовира здравје и ќе ги заштити од предвремена појава на незаразни болести.

Светската федерација за борба против дебелината оваа година го насочува вниманието кон зголемување на инвестициите од владите, професионалците од јавното здравје и давателите на здравствени услугиза справување со дебелината. Тоа значи инвестиции во превенцијата, раното препознавање и лекувањето на последиците од дебелината.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk