Жените во Македонија не го пријавуваат насилството, бидејќи не се заштитени

Голем број на жени во Македонија се жртви на семејно насилство и тие тоа ретко го пријавуваат во надлежните институции, имајќи предвид што се уште отсуствуваат вистински механизми на заштита.

Освен физичко, постои и психичко насилство, за кое пак уште поретко се зборува а најтешката форма на насилство врз жени е фемицид, што е директна последица на домашно насилство или интимно-партнерско насилство.

Неофицијалните податоци говорат дека од 2013 до 2016 регистрирани се 15 фемициди односно намерни убиства на жени затоа што се жени.

Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Елена Димушевска истакна дека во Македонија фемицидот не е регулиран како посебно кривично дело и дека загрижувачко е што нема и официјална статистика на фемициди или убиства на жени на национално ниво.

„Од 2008 до 2016 година има 70 убиени жени, но сега се извршува анализа колку од убиствата се фемициди. Тие што пријавиле во полиција или во Центарот за социјална работа, не добиле соодветна реакција, односно не се преземени соодветни мерки и жената била убиена. Повеќе од 90 проценти од убиствата се случуваат во домот или доколку сопружниците се разделени се случуваат во куќата на жртвата. Најнебезбедно место на жртвите, е нивниот дом“ информираше Димушевска.

Вирве Вимпари од Делегација на ЕУ рече дека таа била жртва на физичко и сексуално насилство.

„Во земја како што е случајот со мојата – Финска, ние би требало да бидеме многу напредни во однос на родовата еднаквост. И во ЕУ една третина од жените искусиле некакво физичко или сексуално насилство. Јас сум една од тие жени, но ја имав среќата да ја избегнам од таа ситуација и да се спасам. Не сите жени се толку среќни. Голем број на вакви дела остануваат непријавени“, вели Вимпари.

Кај нас се уште се обвинуваат жените дека самите се виновни за она што им се случило, дека тие го провоцирале насилникот и оти самите се виновни за последиците.

Оттука потребна е сеопфатна национална стратегија и политика која ќе значи справување со насилството, која Министерството за труд и социјална политика најавува дека ќе ја спроведе.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk