Зафирова: Со мајчинството се разлеваш од љубов и сакаш секој момент да е вечност

Поранешното телевизиско лице Ана Зафирова, која ја памтиме по голем број на ТВ емисии иако веќе подолго време не ја гледаме на екраните вели дека новинарството не е професија туку начин на живот, а таа е токму тоа. Но, нејзиниот живот го дели на пред и по мајчинството. Во интервју за „мама 365“ вели дека е благодарна за секој миг во оваа улога, за сите стравови, радости, хормонски осцилации, „октопод“ ситуации, непроспани ноќи, мамурни утра и двете очиња – маслинчиња во кои можеш да нурнеш најдлабоко и цел свет е твој.

Јавноста ве памети по бројните успешни телевизиски проекти, но од поодамна не сте дел од работата на телевизија. Како професионално се изразувате последните неколку години?

– Независно дали сум на ТВ, радио или весник, си го негувам слободниот статус, односно работам фриленсерски. Моите вештини си ги прилагодувам врз основа на потребите на дадената задача и еве така веќе 20 години, од моите почетоци во 1997 во утринската програма на МТВ. Во моментов повеќе работам комуникации отколку новинарство иако посакувам да е обратно, бидејќи јас себе првенствено се доживувам како новинар. Новинарството не е професија, туку е начин на живот, а јас сум тоа

Во меѓувреме, откако се повлековте од телевизијата станавте и мајка. Колку мајчинството ве промени како личност?

– Мајчинството создаде една поинаква јас и буквално животот го делам на пред и по тоа. Благодарна сум за секој миг во оваа улога, за сите стравови, радости, хормонски осцилации, „октопод“ ситуации, непроспани ноќи, мамурни утра и двете очиња – маслинчиња во кои можеш да нурнеш најдлабоко и цел свет е твој.

Дали можеби тоа што се повлековте од телевизијата, ви дојде добро, кога се реализиравте во најубавата улога?

– Знаете јас не се повлеков од никаде, туку нештата си се случуваа согласно моите приоритети. Си се договорив со универзумот кога, што ми е важно и така си се движат нештата. Не бев присутна во јавниот живот и можев да се посветам на семејството и на детето, заеднички да уживаме во поинаквото секојдневие. Иако да бидам искрена, никогаш не чувствував притисок од мојата работа во медиумите, бидејќи за среќа нашата сцена е мала, а јас секогаш сум била девојката од соседството.

Како ви поминува еден обичен ден со детето, и дали се согласувате дека со децата го надоместуваме оној дел од детството што ни недостасувал или пак се потсетуваме на нашите најубави моменти?

– Ниту еден ден не е ист како претходниот и тоа е најголемата убавина. Кога станувате мајка на позрела возраст, 34 години во мојот случај, на мајчинската фаза и приоѓате како „на проект“, па се обидувате да не пропуштите ништо и се да правите со највисоки оценки. Тоа станува напорно во еден момент и потоа се враќате назад и стигнувате до оптимална нормала на грижа, стрес, труд и вложеност во подигнувањето на детето. Радоста, палавоста, игрите се секојдневни. Се разлеваш од љубов и сакаш секој момент да е вечност, да си го замрзнеш чувството и секогаш да те грее. Со мајчинството не си го надоместуваш само пропуштеното детство, туку се она искрено, човечно и добро што го забораваме распнати на кладата на егзистенцијата.

Бидејќи вашата работа е поврзана со голем број на јавни настани, дали понекогаш и вашето дете е дел од нив и на некој начин тоа влијае на неговата социјализација?

– По ова прашање сум прилично строга. Мојата и професијата на мојот сопруг, не смеат никако да влијаат на него. До сега не сум го носела на настани кои не се наменети за деца затоа што детството брзо минува, а она што ние го живееме ќе го стигне.  Неговата социјализација си има своја траекторија, градинка, игралишта и другарчиња.

Дали посетувате театар, кино, прослави на родендени на другарчиња или пак игротеките веќе се изживеана приказна?

– Михаил како и секое дете сака да е во друштво со своите врсници. Одиме во Театар за деца и младинци, одиме по родендени, правиме детски забави по дома… Дури и нашиот распоред на активности често знае да е условен од „неговото друштво“, односно со кој сака тој да се дружи. За среќа засега неговиот избор е и наш избор.

Имајќи предвид дека долги години бевте дел од една од најубавите емисии за Скопје, „Врти-сучи тоа ти е Скопје“, што му недостасува на градот во поглед на потребите на децата?

– Му мина роденденот на Скопје така бегло, во магла, иако секое дете јасно се сеќава на својата роденденска забава. Мислам дека она што им недостасува на возрасните во Скопје првенствено им недостасува на децата. Но, најмногу од се чист воздух, зелени површини, игралишта по маалата, слободни тротоари, безбедни улици. Со мојот син заедно одевме на „Одбрана на Дебар маало“, затоа што и тој треба да знае како граѓанин на Скопје што му припаѓа, а за што во моментов треба да заеднички да се избориме.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk