Здрава исхрана против грип и настинки

Со првите ладни денови, доаѓаат и настинките. Децата повторно се враќаат во градинките и училиштата, сите стануваме многу поактивни, повеќе се движиме меѓу луѓе, а со самото тоа концентрацијата на вируси е поголема па сме поподложни на настинки.
Здравата исхрана е добар и сигурен начин да се ублажат симптомите на настинки. Погледнете што треба, а што не треба да конзумирате во текот на сезоната на настинки и вируси.

Пред сè се препорачува зголемен внес на течности и лесна исхрана како домашни супи, чорби, риба, пилешко, мисиркино, многу овошје и зеленчук.

Препорачани намирници

1. Лук – Има голема лековита вредност, антибактериско, антивирусно и антигабично дејство. Треба да биде задолжителна состојка на сите видови храна и салати. Користете го во сирова состојба бидејќи така најлесно се искористуваат неговите богати својства.

2. Пиперка, сенф и рен – Помага во лачењето на секрет од носот и ја намалува запушеноста. Пиперката е богата со витамин Ц па ја зголемува отпорноста на организмот.

3. Ѓумбир – Има антивоспалително дејство и во кинеската медицина се препорачува во вид на чаеви. Исечете парче ѓумбир со должина од околу 2 сантиметри и варете го во 2 децилитри вода и засладете го со мед.

4. Чаеви – Топлиот чај засладен со мед предизвикува потење што е дел од терапијата во состојби како што се настинки. Чаевите се богати со антиоксиданси кои ги спречуваат и ублажуваат симптомите од настинка. Се препорачуваат чаеви од камилица и хибискус.

5. Мед – На сите им е познато дека медот е природен антиоксидант, поседува антибактериски и антивоспалителни својства. Најдобро е да се користи липов мед.

6. Сокови од овошје и зеленчук – Природно цедените сокови од овошје и зеленчук содржат значително количество витамин Ц, бета каротен и минерални материи кои ја зголемуваат отпорноста на организмот на инфекции. Се препорачува лимонада, сок од портокал, цитрон, јаболко, морков, цвекло, спанаќ.

Намирници кои треба да се избегнуваат

1. Мрсна храна и храна богата со скроб – Тешко се вари и го забавува имунолошкиот систем.

2. Алкохол и кофеин – Делуваат како диуретици и помагаат за губење на течности што при настинки и грип не е добро.

3. Млеко – Во случај на појава на висока температура треба да се исклучи млекото од исхраната бидејќи го отежнува исфрлањето на секрет.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk