Зимско-летното сметање на времето полека заминува во историја

Европскиот парламент денеска го одобри предлогот за укинување на летното и зимското сметање на времето, но конечната одлука за тоа треба да ја донесе Европската комисија.

Европратениците побараа Европската комисија да го поддржи ваквиот предлог, која досега се залагаше за задржување на сезонското сметање на времето.

– Многу сум задоволен што по неколку години дискусии на ниво на Комитетот во Европскиот парламент, од кои јас сум единствениот член од Ирска, предлогот беше дебатиран и изгласан денеска во Парламентот, изјави европратеникот Шон Кели.

Тој побара од Европската Комисијата да излезе со препорака да се стави крај на менувањето на времето двапати во текот на една година.

Околу 70 пратеници од Европскиот парламент кон крајот на октомври минатата година се заложија за укинување на директивата на Европска комисија за поместување на стрелките на часовникот двапати годишно.

Барањето за укинување на промена на времето двапати годишно беше покренато поради се поголемиот број докази за негативното влијание на таквата пракса.

– Научните истражувања покажуваат дека 20 проценти од популацијата страда од здравствени проблеми поради менување на часовникот, истакна во октомври Павел Свобода, чешкиот пратеник од Европска народна партија (ЕПП).

Освен негативното влијание врз човековиот биоритам, промената на стрелките на часовникот доведува и до поголем број сообраќајни несреќи, како и пад на продуктивноста на работното место.

Свобода тогаш посочи и дека поместувањето на стрелките на часовникот е воведено со цел да се заштеди енергија, но таквата цел никогаш не е исполнета.

– Студијата на ЕП јасно покажа дека укинувањето на промена на времето е добро за нашите 510 милиони граѓани, посочи Свобода.

Досега во Европа беше прифатена конвенција, според која летното сметање на времето започнува во последната недела од март, а завршува во последната недела на окотмври.

Во САД летното сметање на времето започнува во втората недела од март, а завршува во првата недела на ноември.

Преминувањето на летно и зимско време првпат е забележано во 1916 година во земјите на Северна Европа, а досега воведено е во околу 70 земји, главно на северната хемисфера. Во текот на изминатиот век, моделот на поместување на стрелките на часовникот го прифати цела Европа и Северна Америка, додека во останатите делови од светот летното сметање на времето е познато само во неколку земји како Иран, Монглија, Бразил и Намибија.

До неодамна вакво сметање на времето спроведуваше и Русија, но со одлука на претседателот Владимир Путин во 2011 година тоа е укинато. Турција, од 2016 година воведе постојано летно сметање на времето. Исланд е единствената европска земја која ја нема воведено таквата пракса.

Во Македонија, како дел од СФРЈ, летното сметање на времето се користи од 1983 година, а од 1996 година е регулирано со Закон за сметање на времето. Со оглед на досегашната пракса, за очекување е дека доколку Еврокомисијата се согласи со барањето на Европскиот парламент, и во Македонија ќе се укине сезонското сметање на времето. Доколку се воведе целогодишно користење на летното сметање на времето, тогаш во Македонија во зимските месеци Сонцето ќе изгрева најдоцна до 7.30-7.45 часот наутро, но ќе заоѓа најрано во 17.30-17.45 часот, односно еден час подоцна од „зимското“ време, што би значело еден час повеќе дневна светлина во попладневниот период.

А се започна со шега

Поместувањето на стрелките на часовникот во Европа е воведено на почеток на 70-тие години од минатиот век со образложение дека со тоа се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија и се зголемува продуктивноста.

Летното сметање на времето е конвенција, со која се регулира поместувањето на стрелките на часовниците така што ќе има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата ќе бидат пократки. Овој систем е предложен во 1905 година од страна на Вилијам Вилет, а првпат беше широко применет во 1916 година, како военовременска мерка насочена за заштеда на јагленот.

Историјатот на летното сметање на времето ни открива зошто жителите на некои држави се будат порано од останатите.

– Се разбудив рано и се изненадив што Сонцето излегло многу пред вообичаеното, забележува во хумористичен текст во 1784 година американскиот политичар Бенџамин Франклин. Тој дури и „предложил“ со топовска стрелба на плоштадите в зора да ги будат граѓаните, што би било во нивна корист.

Иако писмото немало сериозен тон, она што еден од творците на американската Декларација за независност го сугерирал, остана запаметено во историјата на летното сметање на времето, а иако без топовска стрелба, ритамот на животите ни се смени.

Еден век подоцна, зачестија иницијативите за поместување на стрелките. Новозеландскиот етномолог и астроном Џорџ Вернон Хадсон предлагал стрелките на часовникот да се поместуваат дури два часа нанапред. Неговите причини биле од лична природа. Нему му била потрребна Сончева светлина со цел да може и попладне да собира инсекти.

За рано станување се залагал и Британецот Вилијам Вилит (1856-1915), градежник и љубител на голф и престој во природа.

„Едно летно утро во 1905 година, додека уживал во утринското јавање пред појадокот, сфатил дека многу малку луѓе уживаат во, како што верувал, најубавиот дел од летниот ден и така добил идеа дека поместувањето на стрелките нанапред би им овозможило на сите да уживаат во сјајните и преубави утра“, се наведува во текстот „Куса историја на Летното сметање на времето“.

Една година после смртта на Вилит, насред Првата Светска војна, неговата идеја е реализирана. Главна причина била заштедата на енергетски ресурси, кои би можеле да се искористат за потребите на војување.

Во Европа, тој потег прва го повлекла Германија на 30 април, а еден месец подоцна и Велика Британија и многу други земји. Следната 1917 година и Русија ги помести стрелките, а САД во 1918 година.

Фармерското лоби, набрзо после војната, издејствува да се укине летното сметање на времто во САД, а претседателот Вудро Вилсон порача дека земјата после „военото“ повторно се враќа на „Божјoто време“.

Втората светска војна повторно го „забрза“ времето во САД. само 40 дена после бомбардирањето на Перл Харбор, Американците воведоа целогодишно летно време. Е тогаш во САД настанал хаос, бидејќи секоја локална самоуправа одлучувала за тоа прашање.

Еден од најголемите куриозитети кога е во прашање сметањето на времето е Ајова, каде во 50-те и 60-те години постоеле дури 23 различни начини за преминување на летно, односно зимско сметање на времто. Слична била ситуацијата и во Вирџинија. Таму, патниците на една автобуска линија морале седум пати да ги поместуваат стрелките на часовникот ако сакале да го знаат точното време.

Во Русија, после војната не заживеале промените се до 1981 година. Тој обичај траеше само 30 години, бидејќи во 2011 година Русија престана да го користи сезонското време.

Во Западна Европа, во 70-те години стана вообичаено да се преминува на летно сметање на времто, а 1996 година се прошири на цела ЕУ, која во 2002 година воведе и прецизна процедура.

Умор, поспаност, раздразливост…

Според претходните студии, летното сметање на времето генерално им оди во прилог на продавниците, спортските активности, земјоделството и други дејности кои се поврзани со дневна светлина. Иако една од основните цели на воведувањето ваква пракса беше заштеда на енергија, истражувањата покажаа дека таа цел никогаш не е исполнета.

Од друга страна, поместувањето на часовниците го компликува одржување на саатницата, а може да направи проблеми и при одржување на закажани состаноци, возни редови, медицински уреди, наплата на различни услуги.

Иако луѓето не очекуваат дека еден час може да направи голема разлика во нивното функционирање, сепак, уморот на трае само еден ден и неговите ефекти можат да бидат далекусежни и да имаат многу поголемо влијание.

Ненаспаност, нерасположение, замор, сето тоа се симптоми кои можат да се јават поради промената на времето, односно преминувањето на зимско сметање на времето. Експертите сметаат дека тие симптоми се поизразени кога се преминува од зимско на летно сметање на времето, бидејќи мнозинството од работниот свет тогаш спие еден час помалку.

Лекарите објаснуваат дека во моментот на промена на времето, нашиот природен биолошки ритам е нарушен, посебно во првите неколку дена после поместувањето на стрелките. Лекарите појаснуваат дека тоа се симптоми слични како луѓето кои често патуваат и менуваат разни временски зони.

Инаку, астрономијата препознава единствено зонско време, додека сите времиња – постојани или сезонски се само прашање на политика.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk