Знаци кои го најавуваат породувањето

Објавено на: Sep 06, 2016 од Мама Кате

Кај жените кои досега не раѓале, плодот се спушта во карлицата две до четри недели пред породувањето, се со цел да се подготви за излегување. А пак на жените на кои тоа не им е прво породување, спуштањето на плодот не се случува се додека не се појават првите контракции. Во секој случај, ова спуштање не е забележливо само го голо око, туку жените го чувствуваат како олеснување, бидејќи полесно дишат поради намалениот притисок на дијафрагмата. Меѓутоа, истовремено се зголемува притисокот врз бешиката и карлицата, што пак предизвикува зголемена потреба за мокрење, отежнато движење, губење рамнотежа, а често и болки.

Кога да тргнете накај породилиштето

Се препорачува да тргнете доколку е присутен еден или повеќе знаци кои укажуваат на тоа дека породувањето се ближи:

– Вашиот водењак пукнал – целосно или делумно.

– Се појавил крваво – слузест чеп.

– Почнале контракции во во правилни временски интервали – на десет минути или помалу.

Исто така, доколку забележите било какви промени во движењето на бебето: снажни движења или изненадно смирување, веднаш тргнете кон породилиштето! Многу е важно да останете присебни и да не ве фаќа паника.

Исфрлување на чепот од слузницата

Испаѓањето на крваво-слузав чеп од грлото на матката го најавува породувањето. Чепот се состои од секрет кој е исполнет со крв и обично има розеникава или кафена боја.

Појавата на слузавниот исцедок е знак дека грлото на матката се шири и започнува процесот кој води до породување.

Пукање на водењак

Прскањето (пукањето) на водењакот може да се случи во целост или делумно, па затоа откако ќе влезете во деветиот месец од бременоста задолжително со себе во чанатата носете си улошка. При пукањето на водењакот ќе почуствувате како мала или поголема количина на течност, неконтролирано ви истекува од вагината. Течноста е бистра или малку заматена, млечна или безбојна, и нема никаков мирис. Не можете да ја задржите како што можете мокрачата.

Прскањето на водењакот го означува “пукањето” на плодовите мембрани, па постои опасност од инфекција доколку породувањето не започне во најскоро време. Друга опасност е стегање на папочната врвца при наглото истекување на амнионската течност. Во тој случај задолжително идете во болница, без одложување.

Контракции

Контракциите претставуваат неконтролирано стегање на мускулите на матката со на почеток подолги, а подоцна се пократки паузи. Тие го предизвикуваат отпочнувањето и завршувањето на породувањето.

Во текот на породувањето, контракциите доведуваат до прогресивно скратување на грлото на матката, до ширење и отварање на матката – што овозможува напредување на плодот низ породилниот пат. Во таа фаза се зголемува зачестеноста на контракциите на две до четри во 10 минути. Во фазата на истиснување и раѓање на фетусот, покрај контракциите се јавуваат и напони. Контракциите после раѓањето на детето не престануваат, туку продолжуваат до исфрлување на постелката.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…