Како да го подготвите првачето за на училиште

Уште самонеколку дена до започнувањето на новата учебна година. Понекогаш почетокот на школската година е потежок за родителите отколку за децата бидејќи и самите можеби имале лоши искуства, па се грижат како детето ќе се вклопи во ново друштво, како ќе ги прифати училишните навики и новиот распоред во животот.

Бидејќи на децата на таа возраст им е многу битно што мислат останатите дечиња, договорете се со децата на пријателите кои веќе одат во училиште да им ги опишат позитивните искуства и слободно раскажете им ги вашите заедно со некои смешни анегдоти. Никако не ги плашете со реченици дека сега е готово со играњето, дека сега многу ќе учат и работат, бидејќи ќе ги оптеретите уште пред да седнат во училишната клупа.

Како да комуницирате и да го поттикнувате детето во првите недели од училиштето

Колку и да разговарате со детето и да го подготвувате за новите предизвици на почетокот од училиштето, тоа самото ќе стекнува искуства и ќе доживува нови ситуации во првите недели, па ќе носи заклучоци кои нема секогаш да бидат позитивни. Различни деца различно реагираат, а секое дете е мал индивидуалец кого најдобро го познавате вие. Нормално е детето да поминува низ период на прилагодување. Замислете се себе на ново работно место и меѓу нови луѓе кои не ги познавате.

Затоа, секојдневно прашувајте го како му поминал денот, што правеле, што си играле…

Во првото одделение детето и понатаму ќе учи многу работи низ игра. Кога ќе ви се пожали, пуштете го со свои реченици да објасни што се случило. Децата често при средба со првите проблеми заклучуваат дека повеќе не сакаат да одат во училиште, а родителите се чувствуваат лошо. Кога проблемот ќе се појави, внимателно слушајте што всушност се случува и поттикнете го детето само да пронајде на кои начини може да го реши својот проблем, наместо класичната одлука дека повеќе не сака да оди во училиште. Во вакви ситуации, многу родители паѓаат во стапица и самите ги решаваат проблемите на своето дете, а со тоа долгорочно си создаваат загуба.

Стекнување на првите училишни и работни навики

Повеќето родители се грижат дали детето ќе биде способно да го совлада материјалот, дали ќе биде одговорно кон извршувањето на задачите и дали ќе има добри оценки. Треба да го пуштите детето самото да се снајде во својата училишна средина. За првачињата во првото полугодие е многу поважно да се прилагодат на учителката и своите врсници отколку да стекнуваат работни навики. Слушајте го своето учениче и поддржувајте го во склад со правилата кои важат во училиштето. Важно е со учителките веќе први првите средби да воспоставите партнерски однос бидејќи од тоа ќе зависи и училишниот успех на вашето дете и неговиот интерес за учење.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk