Како да ја негувате вагината

Вагиналните инфекции се најчесто гинеколошко заболување кај жените и најчеста причина за посета на гинеколог. До инфекции и воспаленија доаѓа поради пореметување на вагиналната флора. Jа сочинуваат околу 90 микроорганизми, кои во нормални околности не предизвикуваат никакви тегоби…

Меѓу нив се особено важни лактобацилите, корисни бактерии на млечната киселина кои штитат од штетните микроорганизми. Во секретот се присутни и коки кои потекнуваат од цревната флора и не прават никаква пречка сѐ додека се во рамнотежа со лактобацилите. Но, кога таа рамнотежа ќе се наруши, настануваат проблеми. Нормалниот секрет е кисел и кисело-базната вредност се движи од 4,6 до 6, но со нарушување на рамнотежата на флората, средината од кисела се претвора во алкална, што е погодно за раzвој на штетните микроорганизми.

Што сѐ може да ја оштети вагиналната флора?

За да не дојде до пореметување на вагиналната флора, жените мора да водат сметка за облекувањето, редовно и правилно да одржуваат хигиена и да водат сметка за својот сексуален живот. Факторите за оштетување на вагиналната флора можат да се поделат во три групи:

Механички фактори, кои опфаќаат оштетување на ткивото до кое доаѓа при породување, груб гинеколошки преглед или сексуален однос. И носењето неадекватна облека може да предизвика оштетување. На пример, прекратки панталони предизвикуваат засилено триење на интимните делови, ја забавуваат циркулацијата на крвта и ја пореметуваат вагиналната флора.

Хигиенските фактори, како употреба на алкални сапуни, ги уништуваат добрите лактобацили. Овде спаѓа употреба на дневни, парфимирани влошки, нередовно менување на тампони и хигиенски влошки.

Хемиски фактори, како вагинални спрејови, гелови за контрацепција, како и некои козметички производи за одржување на хигиената, кои ја нарушуваат вагиналната флора. Затоа е појдобро да се користат медицински препарати за нега на интимните делови од телото кои имаат соодветна кисело-базна вредност. А најдобро е, сепак, да се избегнуваат хемиски средства колку е можно повеќе. Природата е неисцрпен извор на она што му е потребно на човечкото тело.

Плакнење со растителни чаеви

За одржување на здрава вагинална флора гинеколозите препорачуваат употреба на некои препарати што се наоѓаат во аптеките и миење со растителни чаеви.

Во секоја подобро снабдена аптека можат да се најдат шумливи таблети или гранули кои се користат за вагинално миење. За истата намена може да користите чаеви од камилица, жалфија, невен, кантариуон или ајдучка трева, како и раствор од вода и сода бикарбона. Чајот се подготвува на ист начин како и за пиење, а растворот со сода бикарбона од половина лажичка сода бикарбона и 250мл млака вода. Најдобро е миењето да се направи со помош на иригатор, кој ќе се стави во вагината во длабочина од 5-6см и кон внатрешноста ќе се истисне течноста. Но,миењето не треба да биде почесто од двапати месечно и никако за време на менструација.

Не стапувајте во ризични односи

За да се заштитите од инфекции, мора да имате здрав сексуален однос.

Здравата вагинална флора и добрата хигиена на мажот се подеднакво важни фактори за заштита. Посебно внимание се препорачува за жените, а особено за младите девојки кои стапуваат во незаштитени сексуални односи и често менуваат партнери. Во рок од шест часа по сексуалниот однос треба да се измие вагинaта или да се употреби вагиналета на база на јод или кантарион.

Чувствителни групи

Вагината е прекриена со слузокожа која дава добра заштита. Дебелината на ова ткиво зависи од рамнотежата на полните хормони, која варира во текот на менструалниот циклус и бременоста, а зависи и од староста на жената.

Кај младите девојки и старите жени слузокожата е потенка, има само неколку слоеви ќелии, а рамнотежата на флората може полесно да се промени.

Пробајте вагиналети од лековити растенија

Девојките и жените кои избегнуваат употреба на иригатори бидејќи тоа им изгледа прекомплицирано, за одржување на вагиналната флора им се препорачуваат вагиналети кои можат да се купат без лекарски рецепт. Тоа се вагиналети на база на кантарион, прополис, ајдучка трева или камилица. Тие се добри бидејќи можат да го соберат вишокот секрет што се лачи и не предизвикуваат никакви несакани ефекти. Гинеколозите препорачуваат и вагиналети кои содржат јод, но со нив треба да се биде внимателен и не смејат да се користат често.

За интимна нега може да послужи памучен тампон накиснат со ацидофилен јогурт или кантарионово масло, со што ќе се премачка вагината.

Секогаш прво консултирајте се со вашиот гинеколог за каков било проблем во врска со вашето интимно здравје. И покрај овие совети, гинекологот е тој што првично ќе го направи прегледот и потребните анализи за да се знаат точните причини за непријатноста што ја чувствувате.

Дури и кога не чувствувате никаква нелагодност, се препорачува гинеколошки преглед еднаш годишно. Тој преглед може да ве заштити од посериозни проблеми бидејќи со анализите што се прават, успешно се открива рак на грлото на матката во најрана фаза.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk