Како полесно да се измолзите

Ако знаете како да го молзете и да го чувате вашето млеко, тоа може да ви помогне побрзо и помалку стресно да се вратите на работа. Потребно е само добро да се организирате.
Молзењето се практикува за да се собере мајчиното млеко кое ќе му се даде на бебето кога мајката не е дома за да го дои самата. Молзењето, исто така, значи и дека не мора секогаш кога сте дома да го доите бебето, туку може таткото или некој друг да го нахрани со шишенце со вашето одмолзено млеко, оставајќи ви простор да се одморите и наспиете. Молзењето може да се користи и за стимулирање на дојките да произведуваат што повеќе млеко, за собирање млеко за предвреме родените бебиња или за тие што не сакаат да цицаат. Доколку имате болки при доењето, молзењето повторно помага. И ако се разболите и лекарите ве посоветуваат привремено да го прекинете доењето, ќе имате одмолзено млеко како резерва.
За молзење се користат електрични или мануелни пумпи, но може да се молзете и рачно. Вреди да се вложи напор во молзењето. Тоа ја одржува вашата врска со бебето, кое сепак ја внесува најважната храна – мајчиното млеко.

КОГА ДА ПОЧНАМ?

Ако планирате да се одмолзувате кога ќе се вратите на работа, почнете да вежбате неколку недели претходно. Можете да почнете веднаш откако бебето ќе се нацица или помеѓу две доења. Научете како да ракувате со вашата пумпа за одмолзување. Научете и како да го чувате одмолзеното млеко, кое ќе му се дава на вашето бебе кога ќе тргнете на работа.

КОЛКУ ДА ОДМОЛЗУВАМ?

Можеби нема да добиете многу млеко кога ќе се молзете првиот пат. Но, по неколку дена редовно молзење, вашите гради повторно ќе почнат да создаваат повеќе млеко. Колку што повеќе млеко одмолзувате, толку повеќе ќе создавате. Пијте доволно течности за да не дехидрирате.

КОЛКУ ДОЛГО ДА МОЛЗАМ?

Молзењето трае колку и доењето, но со редовна практика и со добро молење, може да ги одмолзете вашите дојки за 10-15 минути. Кога сте на работа, обидете се да се молзете толку често колку што вашето бебе вообичаено цицало или по околу 15 минути на неколку часа. Може да се одмозлувате и откако бебето ќе се нацица, што ќе ви помогне да создавате повеќе млеко.

ЌЕ ИМА ЛИ ДОВОЛНО МЛЕКО?

Да, млеко ќе има доволно. Вашето бебе сигурно ќе сака повеќе млеко додека расте. Најдобар начин да го зголемите количеството на вашето млеко е да доите или да одмолзувате што почесто.

КАКО ДА ГО ЧУВАМ МЛЕКОТО?

Одмолзеното млеко може да се чува во пластични или стаклени шишенца или во стерилни чашки. Чувајте го млекото во количество колку што пие вашето бебе за да не фрлате. На пример, ако вашето бебе пие 100 милилитри, пакувајте го млекото во чашките по толку.

КАДЕ ДА ГО ЧУВАМ?

Одмолзеното млеко треба да се чува на ладно во фрижидер, а може и да се замрзне. Запишете ја датата кога е одмолзено млекото врз чашката. Замрзнувањето уништува дел од антителата во млекото затоа не правете го тоа освен ако не морате. Но, сепак, замрзнатото млеко е поздраво од млечната формула.

КОЛКУ ДОЛГО ТРАЕ?

На собна температура, млекото може да стои од четири до осум часа. Во фрижидер три до осум дена, а во замрзнувач до три месеци. Одмолзеното млеко може да варира во бојата. Може да биде жолтеникаво, кафеникаво или синкаво. И за мајчиното млеко е нормално да се одвојат мастите и да се кренат нагоре. Измешајте го добро шишето и содржината на млекото ќе се изедначи.

КАКО СЕ ОДМРЗНУВА?

Ставете ја чашката со смрзнатото одмолзено млеко во сад со топла вода или ставете ја во фрижидер еден ден претходно. Не користете жешка вода за да го одмрзнете. Никогаш не ставајте го во микробранова печка. Млекото може да се претопли и да го изгори јазичето на бебето. Загревањето во микробранова печка може да ги оштети важните протеини во мајчиното млеко.
Одмрзнатото млеко може да остане во фрижидер 24 часа, но не треба повторно да се замрзнува.

КАКО СЕ КОРИСТИ ПУМПА?

Ако користите електрична пумпа, ставете го делот одреден за врз дојката, вклучете ја машината и оставете ја да работи. Таа ќе извлекува млеко од вашата дојка и ќе го собира во шишенце. Мануелните пумпи, исто така, користат посебен дел за дојката, но сега вие го влечете механизмот и при тоа млекото се извлекува од дојката и се собира во шишенцето. Со електрична пумпа обично се потребни 15 минути за да се одмолзат двете дојки, додека со мануелна до 45 минути.
Добрите пумпи го имитираат цицањето на бебето и не предизвикуваат болка. По молзењето добро измијте ја пумпата и стерилизирајте ја.

КАКВА ПУМПА ДА КОРИСТАМ?

Изберете пумпа каква што ви одговара во зависно од тоа колку време ќе ја користите. Ако работите со полно работно време, сигурно ќе сакате брзо да завршите – затоа земете електрична и автоматска пумпа, така што ќе ги одмолзете двете дојки истовремено. Но, ако треба да молзете само повремено, тогаш поевтина мануелна пумпа ќе заврши работа. За да ја изберете вистинската пумпа за молзење, одговорете си на следново прашање:
– Колку често ќе ја користите. Ако само повремено сте отсутни од бебето, може да користите едноставна рачна пумпа. Тие се мали и евтини. Едноставно се стиска рачката и млекото се истиснува од дојката.

Електричните пумпи повеќе ги стимулираат дојките за разлика од рачните. Тие целосно ги празнат градите. Ако сакате да набавите електрична пумпа треба да одговорите на следниве прашања:

Ќе ви треба ли брза пумпа. Едно молзење трае по 10-15 минути од дојка. Ако планирате да се молзете на работа, веројатно ќе треба да инвестирате во електрична пумпа која ќе ги одмолзе двете гради одеднаш.
Колку пари можете да одвоите. Мануелните пумпи се значително поевтини од електричните.
Лесна за одржување. Ако пумпата тешко се расклопува за да се измие, тоа може да биде фрустрирачко.
Дали е пријатна. Тоа што е удобно за една жена, за друга може да не е. Изберете таква пумпа што ќе ви овозможи контрола врз степенот на вшмукување.
Дали е тешка. Ако секој ден ја носите со себе, пумпата треба да биде лесна.
Дали е бучна. Некои електрични пумпи се потивки од другите такви модели. Важно е да бидете дискретни.
Што ако снема струја. Електричната пумпа треба да се приклучи во приклучник. Ако нема струја, ќе ви треба батерија што се полни. За итни случаи ќе треба да имате мануелна пумпа.
КАКО ДА СЕ МОЛЗАМ РАЧНО?

Ако треба одвреме-навреме да одмолзете по малку млеко за да го олесните надоаѓањето на млекото или за поретко хранење со шишенце, тогаш молзете се рачно. За тоа треба малку повеќе практика. Ако имате вовлечени брадавици или ранички, можеби ќе треба прво малку да одмолзете, па да продолжите со доење. Измијте ги рацете пред да почнете. Потоа ставете ги палецот и прстите околу ареолата и стиснете. Притиснете ги прстите за да го истиснете млекото.

АКО ОДМОЗЛУВАТЕ МАЛКУ МЛЕКО…

можеби молзете брзо по доењето;
можеби треба да ја засилите пумпата;
можеби пумпата не е доволно добра, особено ако користите мануелна;
можеби делот од пумпата за дојката не ви е соодветен. Тие обично се направени за помали брадавици;
можеби немате доволно млеко.
Ако имате недостиг од млеко, консултирајте се со вашиот лекар. Тој ќе ве посоветува што да правите за вашето бебе да не гладува.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk