Како се дијагностицира Даунов синдром

Има два начина на откривање додека бебето е во утробата на мајката. Тоа е скрининг метода за широката популација, која е релативно безбедна, односно трипл тест и ехо дијагностиката, и вториот начин се дијагностички тестови. Скринингот е за широката популација, и неговата сигурност е 70 проценти. Тоа се релативно евтини и безбедни методи. При ултразвучниот скрининг меѓу 11. и 14. недела со специјални маркери се открива дали бебето е со Дауновиот синдром. Се гледаат вратниот набор, крвните садови на срцето, во прашање се 16 маркери со кои се открива дали бебето е здраво.

Постојат повеќе пренатални дијагностички тестови кои можат да се направат за време на бременоста за да се откријат евентуалните хромозомски абнормалности кај бебето.

Амниоцинтеза-земање примерок од плодовата течност која го опкружува фетусот, обично се прави од 16 до 21 недела од бременоста а резултатот се добива по 15 дена.

Хорион биопсија е процедура со која трансабдоминално или трансцервикално со игла се навлегува во хорионската обвивка под контрола на ултразвук. Се прави биопсија на хорионските ресички од кои се добиваат клетки за хромозомска анализа за детерминирање на кариотипот на фетусот. Истите клетки може да се употребат за биохемиски или молекуларни генетски анализи. Оваа метода најчесто се применува меѓу 9 и 13 гестациска недела, а ризикот е нешто поголем од тој при амниоцентезата и изнесува од 0.2 до 0.3%. Постои и ризик од Рх сензибилизација на мајката, па истата доколку е Рх негативна треба да прими РхоГам.

Плацентоцентеза е метода слична на хорион биопсијата, со тоа што се изведува во поодмината бременост од 25 до 34 гестациска недела. Под контрола на ултразвук, со игла трансабдоминално се зема примерок од плацентата и со краткотрајно култивирање за два дена се добиваат резултатите од хромозомската анализа

Кордоцентеза е процес со кој под контрола на ултразвук се воведува игла директно во вената на папочната врвца на фетусот и мала количина крв се зема за хромозомска анализа. Обично се изведува за покасна пренатална дијагностика после 20 гестациска недела кога папочната врвца е доволно развиена. Заради инвазивноста на методата ризикот за спонтан абортус е 1-2%, а заради можноста од добивање мајчина крв од артериите на папочната врвца и резултатот не е сигурен. Затоа оваа метода е резервирана за критични случаи во поодмината бременост, бидејќи резултатот може да се добие за 96 часа.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk