Кикириткова Трајковски: За да бидете модерна трудница, следете го својот стил

Кретаторката Маја Кикириткова Трајковски е во шестиот месец во бременоста и со читателите на „мама365“ споделува како го поминува овој период од животот. Таа вели дека продолжила со исто темпо на обврски и во периодот е фокусирана на професорската работа, предава на Универзитетот „ААБ” во Приштина. Кикириткова Трајковски додава дека кога дознала дека е бремена, тоа било најубавиот период во нејзиниот живот, а бременост како нејзината, би и ја посакала на секоја жена.

Како го поминавте првото тримесечје во бременоста, имајќи предвид дека идната мајка тогаш се прилагодува на новонастанатата состојба во организмот, има утрински мачнини и поспаност?

– Кога ќе се навратам наназад, постојано го кажувам истото, ваква бременост како мојата на секоја жена би посакала. Во првото тримесечие немав никакви проблеми, никакви мачнини, единствено поспаноста беше присутна. Кога дознав дека сум бремена тоа беше најубавиот момент што некогаш сум го почувствувала, измешани чувства, емоции, но сепак имав и некој страв дали тие три најкритични месеци ќе поминат во најдобар ред.

Дали бременоста ве попречува во извршувањето на секојдневните обврски? Што се промени во навиките откако дознавте дека сте трудна?

– Искрено воопшто ништо не се промени. Продолжив нормално да ги извршувам секојдневните обврски. Како и порано, продолжив со пешачење, престанав со вежбање, но во моите навики ја додадов јогата за трудници, која искрено многу ми помага да останам витална, правилно да дишам, а се надевам дека ќе ми го олесни и породувањето.

Каков е вашиот начин на исхрана, дали јадете за двајца или пак имате некоја посебна желба за одреден вид на храна?

– И во однос на начинот на исхрана не сменив скоро ништо. И пред да останам трудна јадев здрава и квалитетна храна, па така продолжив и понатаму. Секојдневно готвам, јадам многу овошје и зеленчук. Во првите три месеци не можев да јадам благо, но и вака не сум некој љубител на слатките задоволства. Можеби и поради тоа за неполни седум месеци имам качено само 5 килограми. Не се водам по девизата дека треба да јадам за двајца.

Колку вашите најблиски ви помагаат?

– Сопругот е секојдневно со мене. Ми помага многу, во однос на кревање потешки работи, пазарување. Понекогаш знам да бидам и своеглава, па да се качам на столица, за да земам нешто или да избришам прозори, да спуштам завеси за перење и тоа воопшто не му се допаѓа, но јас се чувствувам добро и спремна сум тоа да го направам.

Денес многу лесно се наоѓаат информации во врска со секој период од бременоста. Дали сте од оние идни мајки кои сакаат многу да читаат и да се информираат за фазата на развој на бебето во зависност од гестациската недела или пак тоа му го оставате на матичниот гинеколог?

– Многу читам, се информирам. Во телефонот имам спуштено апликација која секојдневно ме известува која недела сум бремена, кој ден, колкаво е бебето, што сега се развива кај него, како се осеќа мајката… Покрај сето тоа и матичниот гинеколог ме известува и ми одговара на сите прашања кои ќе му ги поставам. Одам и на часови за трудници, каде може многу да се научи, во однос на прегледи, породување, доење, а најубаво од се’ е што се дружам и со други трудници и разменуваме искуства.

Имајќи предвид дека сте креаторка, дали бременоста ви влијае на поразличен начин на креативно изразување и промена на стилот?

– Во однос на мојот стил на облекување, тој и сега е ист како и претходно. Носам само покомотна облека и избегнувам високи потпетици. Целата облека што сум ја носела сега е спакувана и заменета со покомотна, но стилот е тој, мојот препознатлив.

Може ли трудниците да бидат модерни во облекувањето?

– За да бидете модерни трудници не мора да носите трудничка облека. Следете го својот стил. И во обични продавници можете да најдете парчиња кои можете да ги носите додека сте трудни. Не значи дека ако сте трудни треба да се запоставите и да не обрнувате внимание на облекувањето.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk