Кога детето ја насочува агресијата кон самото себе

Верувале или не, но некои поблаги варијации на агресивноста кај децата потекнуваат токму од детската љубопитност. Истражувајќи ги предметите во својата околина, детето ги растура играчките или фрлајќи ги истражува што ќе се случи понатаму со нив.
Кога станува збор за детската агресија, секако дека постојат многу случаи кога родителот треба да интервенира. Интервенцијата е неопходна секогаш кога станува збор за деструктивно однесување ( агресија која самата по себе е цел ) и самодеструктивно однесување ( кога агресијата детето ја насочува кон самото себе )
Многу психолози грицкањето нокти го сметаат за најблага форма на самодеструктивното однесување. Понатаму се нижат грицкањето на усните. гребењето, гризањето, удирањето и кубењето на косата.
Кога кај детето се забележува автодеструктивно однесување тогаш најчесто причината се бара во рамките на семејството, каде најчесто лежи проблемот кој е тригер на овој тип агресија. Агресивноста на детето насочена кон себеси е сигнал дека детето не е задоволно околу тоа како се реализираат и задоволуваат неговите примарни потреби ( не мислејќи само на храна и вода, туку и на емотивните потреби ). Без разлика која е индиректната причина за таквото однесување обично станува збор за директно поттиснување на негативните чувства како што се бесот и лутината.
Детето го согледува проблемот но или не знае адекватно да го искаже или не знае како да го реши. Логична последица на тоа е искажување на својата немоќ преку агресија.
Во големата група на директни причинители на автодеструктивното однесување кај детето спаѓаат пред се љубомората, чувството на занемареност, недоволно посветеното внимание од страна на родителите, физичкото казнување кое го претрпело детето, конфликтите помеѓу родителите на кои детето е сведок и неусогласените ставови околу воспитувањето на детето кои ги имаат родителите.
Секогаш кога родителите ќе приметат агресија која детето ја насочува кон самото себе важно е да се задржи самоконтролата. Спречувањето детето да продолжи со агресивното однесување, по цена на цврст стисок, но секако пропратен со мирен тон на гласот на родителите, е пожелно со цел да се спречи испадот. Веднаш потоа, без лутина или со намера да го казнат, родителите треба да поразговараат со детето со надеж дека ќе ја откријат, а потоа и елиминираат причината за таквото однесување.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk