Кое е најдобро време за странски јазик, прашање кое си го поставуваат многу родители

Родителите честопати си го поставуваат прашањето, кога е вистинското време за децата да се запишат на втор јазик. Децата, за разлика од порано, со странските јазици се среќаваат многу рано преку користење на паметни телефони, таблети и компјутери. Тие исто така голем дел од цртаните филмови ги гледаат на англиски или кој било друг јазик.

Гледано од аспект на јазиците, технологијата овде има предност.

Но, околу ова прашање стручната јавност е поделена и на крај се остава на индивидуалната одлука на родителите во зависност од детето, неговиот индивидуален развој, преференци, талент за јазици и слично.

Одредени програми тоа го предвидуваат многу рано, на две или тригодишна возраст, други пак на предучилишна или училишна возраст.

„Мама365“ се обиде да даде одговор на ова прашање коинсултирајќи професорки по англиски јазик кои работат со деца.

„Изминативе години, направени се многу научни истражувања за тоа која е идеалната возраст за учење на странски јазик кај децата. Од моето досегашно искуство, секое дете уште на 3 или 4 годишна возраст или од моментот кога ќе почне да зборува, веќе може да започне со изучување на странски јазик. Колку детето е помало, толку е полесно да научи нов јазик. Причината за ова е дека во овој период детските мозочиња се „сунѓери“ за многу информации. Нивните мозочиња се неоптоварени од информации, факти и мисли какви што имаат возрасните. Токму заради ова, тие без никакви потешкотии и пречки се способни да запомнат зборови, фрази, па дури и граматички правила од еден, два, па и повеќе странски јазици“, вели за „Мама365“, Викторија Крстевска професор по англиски јазик.

Од едно од приватните училишта по странски јазици велат дека, децата на англиски јазик ги запишуваат од прво и второ одделение, а на германски малку подоцна.

Од таму велат дека, најдобро е детето на англиски јазик да се запише во прво одделение, но не е толку страшно ако почне од второ одделение. Во четврто е веќе доцна.

„Според досегашното искуство, доколку детето не било запишано на англиски јазик во прво одделение, не е толку страшно тоа да се направи во второ одделние. Во трето одделение ќе им биде потешко да го усвојат материјалот во споредба со претходно запишаните деца. Тие што од прво одделение се запишани, веднаш се изложени на јазикот, на негово слушање, на говорење и веќе им е полесно кога ќе дојдат до трето одделение. Четврто одделение е веќе доцна, тогаш има поголеми дупки во знаењето. Ова најповеќе се однесува за англискиот јазик, за другите јазици мислам дека е иста практика“, велат од таму.

Од училиштата за странски јазици додаваат дека од родителите зависи кога ќе го запишат детето на изучување на странски јазик, бидејќи тие најдобро знаат што и во кој период тоа е најдобро за нивните деца.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk