Кратење на часови и измени во програмата ќе има во одделенската настава

Треба да има кратење на бројот на часови и реорганизирање на начинот на одржување на наставата, така што главните промени ќе бидат во основното образование и тоа во одделeнската настава, изјави денеска министерката за образование и наука, Рената Треневска-Дескоска.

Таа додаде дека „учениците се преоптоварени со голем број на часови и на тој начин нема ефикасност во учењето.“

– Сметаме дека треба да има кратење и на бројот на часови, и да воведеме нов наставен план соодветен на учениците од таа возраст. Понатаму, да се воведат методи кои ќе значат креативно изучување на начин кој ќе ги заинтересира децата да ја следат наставата и да учествуваат во неа, а потоа и соодветни материјали кои ќе бидат користени – додаде Треневска-Дескоска.

Министерката за образование и наука посочи дека за сите промени во наставните програми ќе има јавна дебата помеѓу наставниците и експертската јавност.

Треневска-Дескоска информираше дека наставниците, преку апликација која веќе е подготвена, до 15 септември треба да дадат мислење за одредени учебници и да укажат на проблемите.

– До директорите е испратена и лозинка преку кој може да се пристапи до апликацијата. Наставниците ќе можат лично да ги внесат бараните податоци, анонимно и без притисок ќе можат да одговорат на прашања кои нас како Министерство не интересираат – рече Треневска-Дескоска.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk