Најзасегнати од сиромаштијата се децата, последиците се непоправливи

Во Македонија 21,5 отсто од населението живее во сиромаштија или 450.000 лица не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден.

Поради оваа состојба, најзасегнати се децата, па поради тоа апелот е, на социјално загрозените семејства да им се помага во текот на целата година, а не само на денот на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата кој се одбележа вчера.

„Борбата против детската сиромаштија е приоритет број еден на Владата. Затоа Минситерството за труд и социјална политика започна со амбициозна и сложена реформа на системот за социјална заштита во земјата за да одговори поефикасно и да ги заштити децата и семејствата со деца од негативните ефекти на сиромаштијата,” рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика на конференција во Сареаво.

Од УНИЦЕФ апелираат владите во регионот да продолжат со натамошни инвестиции и посоодветен систем на социјална заштита на децата.

Според претставник на УНИЦЕФ во земјата, Бенџамин Перкс особеноста на детската сиромаштија е во тоа што подоцна не можете да ги смените последиците.

„Физичкиот, емоционалниот и когнитивниот развој од дете во здрав возрасен човек е поткопан од повеќекратните последици од детската сиромаштија. Но, добрата вест е дека можеме да ја смениме детската сиромаштија ако таа ни стане национален приоритет,” рече Перкс.

Тони Станковски од здружението „Љубезност“ кои секојдневно се на терен и им помагаат на многу семејства, рече дека процентот на сиромашни семејства во Македонија е алармантен податок и голема бројка.

„Затоа сакам ние како невладин сектор да ги поттикнеме граѓаните да ни се приклучат во нашите активности и акции се со цел да им помогнеме на луѓето во собирањето помош преку цела година“, истакна Станковски.

Пејачката Кристина Арнаудова која ја води невладината организација „Проект среќа“ апелираше до Владата и до сите нови градоначалници да ја санкционираат оваа состојба, бидејќи како што вели, само на тој начин може да се врати достоинството на луѓето.

Новиот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ најави дека социјално загрозените лице ќе бидат ослободени од сите давачки поврзани со градинките, училиштата, се со цел да им се намалат тие трошоци кои може да ги субвенционира Општината. Неговиот пример, би било пожелно да го следат и градоначалниците на другите општини.

Од УНИЦЕФ апелираат дека зајакнувањето на социјалната заштита на децата е од интерес за сите земји во регионот затоа што тоа е најефикасниот начин да се победи сиромаштијата и социјалната исклученост, како и да се овозможи децата да имаат барем минимални услови на живот.

Со решавање на проблемот со сиромаштијата и социјалната исклученост на децата, социјалната заштита може да им помогне на децата да ги остварат своите права на опстанок, развој, учење и целосно и правично учество во општеството.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk