Немаме психолошки тестови за заштита на менталното здравје на децата

Здравјето на децата од најрана возраст треба да го следи педијатарот, но овде освен физичкото здарвје се мисли и на развојот, односно како децата комуницираат, како ги решаваат проблемите, како ги користат рацете и го движат телото, како реагираат на другите луѓе и си играат.

Најчесто кај малите деца се случува да не се направи разлика помеѓу тоа што децата не можат да направат, а што не сакаат. Според стручњаците, се случува родителите, недостатокот на некоја вештина на детето да го припишат на немарност на детето, незаинтересираност, безобразлук, своеглавост.

Но, според педијатрите проблемот се случува кога зад одбивањето детето нешто да направи, стои одредено развојно доцнење поради кое детето не е во состојба да усвои некои барања карактеристични за негова возраст. Тогаш, на детето му недостасува одредена вештина за која е неопходно психолозите да се потрудат, за детето да ја постигне.

Во таа насока, на научниот симпозиум за стандардизација на меѓународни психолошки тестови на тема: „Употреба на психолошки тестови во областа на предучилишно и основно образование во функција на унапредување на менталното здравје на децата во Република Македонија“ беше истакнато дека, неопходно е подигнување на свесноста за важноста на правилната употреба на психолошките тестови во предучилишното и основното образование, а со тоа и важноста за превенцијата и заштитата на менталното здравје на децата.

„За да можеме да зборување заштита на менталното здравје мора да почнеме од нашите основни алатки, а тоа се психолошките тестови. За жал немаме тестови и затоа го покренуваме целиот овој процес на една стандардизација и културна адаптација на тестовите пред се меѓународните тестови што се употребуваат во странство“ рече професорката Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања.

Таа додаде дека нивните психолози ќе разговараат за тоа да се направи цел сет тестови кои ќе треба да се употребуваат во предучилишното и основното образование.

Претседателката на Комората на психолози во Макеоднија појасни дека кај нас не постојат стандардизирани алатки кои би ги користеле училишните психолози.

„Улогата на нас психолозите во училиштата е многу важна. Психолозите се чувари на менталното здравје на учениците и наставниот кадар. Ваквата состојба е алармантна. Наша должност е да укажеме на надлежните органи дека потребата од психолошки алатки и нивно стандардизирање е во корист на превенција и одржување на менталното здравје на учениците. Грижејќи се за менталното здравје на учениците ние се грижиме за нашата и нивната иднина“, рече Јовановска Стојановска.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk