Постои ли разгалено бебе

Која е таа возвишена задача а истовремено и најтешка обврска за родителите, од тоа мало бебенце што го држат во рацете со текот на времето да направат зрел човек со квалитетни особини?
Со воспитувањето се почнува уште од најмали нозе. Секако, во почетокот бебето ги има мама и тато кои сосема природно одговараат и ги задоволуваат сите негови потреби. Меѓутоа, како расте детето, тоа го запознава светот и пронаоѓа начини како да го придобие родителското внимание секогаш кога нему му одговара тоа.

Психолозите тврдат дека понекогаш разгалувањето на детето започнува уште во најраната воздраст, додека е бебе. Со цел детето да не се разгали уште додека е во пелени, тие им предложуваат на родителите да ги избегнат следниве неколку постапки.

На бебињата во првите три месеци од животот од неопходна важност е да им се обезбеди чувство на сигурност. Штом ќе заплаче бебето, сосема е во ред ако родителите го земат во раце, сепак целта е тоа да се чувствува пријатно и да стекне доверба во родителите. Но, после 5 месец, доколку родителот смета дека бебето нема некоја реална причина за плачење, како што е гладта, мокрите пелени, болест или сл. а сеуште плаче во ред е да не брза со неговото кревање во раце. Кренете го бебето дури ако после извесен период не се смирува. Пред се, во тој период пред да го земете пробајте да го смирите со тивок шепот или пеење на некоја песничка што ви е познато дека го забавува.

Бебето од девет месеци веќе знае и е свесно за тоа дека со плач може да ги повика родителите и да го привлече нивното внимание. Во овој период родителите би требало да можат да препознаат дали бебето плаче затоа што има некој проблем или само затоа што сака друштво и утеха.
Многу е важно детето да научи да спие само. Заспивајте го бебето нишкајќи го во прегратка додека не наполни шест месеци, а потоа полека со текот на времето почнете да му го учите да заспива самото. Немојте веднаш да му го ускратите тоа задоволство, туку постепено. Започнете така што наместо да го нишкате и да му пеете, на пример, ставете го во неговото креветче и продолжете да му пеете се додека не заспие. Бидете тука за бебето, а бебето нека биде во сопственото креветче.

Не му го давајте на детето она што го посакува веднаш кога ќе заплаче. Почекајте неколку минути и дајте му го предметот дури откако ќе се смири. Доколку го направите тоа веднаш, детето ќе знае дека со плач може да добие се што ќе посака.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk