Препознајте ги најраните симптоми на церебралната парализа кај децата

Детската церебрална одземеност е пореметување на положбата и движењата на телото, тонусот на мускулите, способноста за координација и чувството за рамнотежа што настанува поради оштетување  на одреден дел од мозокот.
Како пропратни потешкотии се наведуваат проблеми со голтањето, говорот, видот, слухот и лачењето на плунка. Интелектуалните способности можат да бидат намалени. Исто така можни се и епилептични напади.

Оваа хронична состојба во основа не бележи прогресија но не е ниту непроменлива. Тоа значи дека иако не е излечлива последиците што таа ги предизвикува можат да се намалат, односно да се зголеми степенот на функционирање.

Како причинители за појавата на церебралната парализа најчесто се наведуваат генетската предиспозиција, инфекциите во текот на бременоста, предвремено раѓање на децата со мала телесна тежина, повреди на бебето за време на породувањето и недостаток на кислород во текот на тешките породувања, заболувања на мозокот во раното детство и сл.

Во првите месеци од животот кај бебето нема јасни знаци кои би укажале на постоење на детска церебрална одземеност па затоа не е можно веднаш да се постави дијагнозата.

Првите знаци кои навестуваат сомнеж се:

-неможноста детето да ја подигне главата
-ако детето нема способност да се врти во креветчето
-ако не покажува интерес за играчките или не може да ги дофати
-кога детето не ја одржува седечката положба самостојно на возраст кога би требало да може да го прави тоа
-ако детето не реагира на околината
-телото на детето е премногу отпуштено или е во постојан грч
-детето тешко ја голта храната
-ако постојат неволни (неконтролирани ) и нескладни движења.

На било кои од овие симптоми треба веднаш да се реагира. Благовремената дијагностичка процедура е важна за да се започне со ран третман бидејќи на тој начин шансите состојбата значително да се подобри се многу високи.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk