Прослава на Halloween, родителите со спротивставени ставови

Во последните неколку години, во Македонија почна да се прославува Ноќта на вештерките односно Halloween. Исто како и за празникот на љубовта Св. Валентин, и за прославата на овој празник постојат поделени мислења, дали треба или не треба да се слави.

Училишта, градинки веќе се помасовно организираат работилници на оваа тема, тематски забави, продавниците се преплавени со костуми, родителите пак сакале или не, се изложуваат на трошоци. Непотребни или не, тие имаат поделени мислења.

Во анкетата на мама365 направена помеѓу неколку родители, добивме различни ставови. Некои се „за“, некои се „против“. Едните велат што имаме ние со овој празник, другите, пуштете ги децата нека се забавуваат.

„Воопшто не се согласувам со прославата на Ноќта на вештерките. Што имаме ние заедничко со овој празник? Ништо. Ниту културолошки, ниту традиционално. Си имаме ние наши маскенбали кога се знаат кога се. А ова е само наметната традиција од странство. Исто како и за празникот Св. Валентин. Некако, многу лесно прифаќаме туѓа традиција, а нашата никако да ја наметнеме надвор“, вели Билјана Стојановска мајка на осумгодишно дете.

Таа додава дека оваа прослава е дополнителен трошок за родителите, бидејќи им се наметнува да купуваат специјални костуми за децата. Прашува, дали некој од училиштата и градинките ги прашал родителите, дали имаат пари за вакви „луксузи.

„Иако сум против прославата на овој празник, морам да купам костум. А, ме прашал ли некој дали имам пари за тоа. Туку морам, бидејќи не оди сите деца да бидат маскирани, а моето да не е. Од оваа девиза веројатно се водат и другите родители кои се против, но што да прават“, додава Стојановска.

За разлика од неа Елеонора Зафировска пак, нема ништо против ако се наоѓа некој повод децата да имаат некаква забава во градинка или училиште.

„Доволно се оптоварени со обврски и учење, така што не гледам ништо лошо во овој вид на забави. На тој начин децата се сплотуваат во некаква цел односно, се забавуваат или прават креативни работи во има на некоја тема. Убаво е и да се поднаучи нешто од друга култура. Како општество, се отворивме за многу работи. Посебно што во Македонија веќе има училишта во кои учат деца на странски државјани и во нив, оправдана прославата на Ноќта на вештерките“, додава Зафировска.

Ноќта на вештерките се прославува вечерта пред Денот на Сите Светци, востановен од папата Григориј Четврти во 853 година, кога се оддава почит кон сите христијански светци и маченици.

Со наближувањето на ноќта, односно пред полноќ, американските деца маскирани започнуваат да чукаат по вратите во соседството, со цел – да „ги исплашат“ домаќините, а тие пак, се должни да им дадат на „чудовиштата“ разни слатки.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk