Работи на кои не треба да ги учите децата

Детето е најголемо чудо, најголемиот дар што можете да го добиете и затоа чувајте го внимателно.

Овде следат извадоци од одличната книга на италијанскиот писател Џорџо Габер „Non insegnate ai bambini”, или во превод „Не ги учете вашите деца“. Прочитајте гиследните совети и обидете се да ги примените. Нема што да изгубите, а можете многу да добиете – поубав и повесел живот со вашите деца …

Детето ќе ви рече „Благодарам“ затоа што слушнало дека на тој начин возрасните одговараат на љубезност, а не затоа што вие сте му кажале дека така треба.

Детето ќе се движи во просторот без страв иако вие не го придржувате, затоа што е сигурно дека ќе бидете тука ако му затребате.

Детето плаче кога ќе почувствува болка повеќе поради тоа што се исплашило отколку поради самата болка.

Детето е мисловно суштество, со достоинство, гордост и желба за самостојност. Запаметете го ова и имајте го во предвид кога детето ќе ве замоли да му помогнете да направи нешто САМО – не правете го вие тоа наместо него, туку само помогнете му.

Кога детето ќе се лизне и падне иако сте му рекле да не трча по лизгавиот бетон, немојте да го карате и да му велите дека убаво сте му кажале дека не треба да трчи. Тоа е неверојатно суров начин на воспитување – да карате некој кој згрешил и притоа се повредил. Уште повеќе ако тој некој е дете, желно за трчење, игра, запознавање на нови работи … Во такви моменти треба да го прегрнете детето и да му бидете поддршка, исто како што и на вас, кога паднете, ви треба некој кој ќе ви помогне и ќе ви биде потпора.

Детето не треба да зема книга во раце бидејќи добило наредба да го стори тоа (тоа е најефикасниот начин да се замрази учењето), туку затоа што е опкружено со книги, затоа што од мама и тато научило дека читањето е важно, затоа што гледа дека мама и тато секој ден читаат, затоа што е водено од љубопитност да дознае какви нови работи се кријат помеѓу кориците на книгата.

Детето верува во самовили ако мисли дека и вие верувате во нив.

Детето верува во љубов ако расте со неа, дури и ако луѓето што го чуваат не се негови родители. Ако детето расте со лицемерност и лажна љубов, ќе стане возрасен човек кој се плаши од чувствата и не сака да ги покаже.

„Не сум нервозна, ти сега ме нервираш!“ е реченица која НИКОГАШ не смеете да ја изговорите!

Детето кое е постојано активно крие во себе огромна енергија – дозволете му да ја исфрли, не го терајте да се смири и да ги потиснува своите потреби за активност. Обидете се што почесто да престојувате во природа.

Премногу чисто и уредно дете не е среќно дете – земја, кал, песок, вирчиња, животни, снег – сето тоа се нови работи со кои детето сака да биде во допир. Дозволете му го тоа, па макар и по цена на некој уништен пар панталони. Нови панталони ќе купите некако, но радоста на детето не можете.
Детето кое се облекува комбинирајќи црвена, сина и жолта боја не е невкусно облечено. Тоа е дете на кое родителите му дозволуваат полека да гради свој вкус и стил.

Детето поставува милион прашања. Не можете на сите да имате одговор. Кога ќе се најдете во таква ситуација, слободно речете „Не знам, ама ќе се потрудам да дознаам за тебе”. Тоа е многу подобро отколку да се обидувате да се извлечете со измислени одговори. Детето ќе го осети тоа, а потоа следат низа потпрашања, на кои нема да можете да одговорите.

Немојте да навлекувате маска на тажното лице и со насмевка да ја прикривате меланхолијата. Детето ја чувствува болката, ја гледа во вашите очи. А кога вие му кажувате едно, а вашите очи и треперењето на гласот друго, детето станува збунето. Слободно објаснете му зошто сте тажни, на вистинскиот начин, со јазик што ќе го разбере. Вистината е секогаш подобра од лагата, посебно кога знаеме дека детето ќе ја препознае лагата.

Во моментите кога животот ќе се закомплицира, кога ќе настанат проблеми кои изгледаат нерешливи, детето ќе има чувство дека сето тоа е по негова вина. Вашата задача, без разлика колку се големи проблемите, е никогаш да не заборавите на детето и неговите чувства и постојано, пак и пак, да му кажувате дека го сакате и дека тоа за ништо не е виновно.

Детето бара доверба, но запаметете – вие сте му родители, а не другари.

Детето е најголемото чудо, најголемиот дар што можеме да го добиеме, и затоа чувајте го љубоморно и внимателно.
Не ги учете децата дека нивниот сопствен морал може да ги повреди. Не ги водете по изгазените патеки на животот, ако сакате да ја почувствуваат неговата магија. Не е се во сигурноста!

Не учете ги, туку помогнете им сами да го изградат својот ум и да ја откријат својата душа. Бидете постојано блиску бидејќи довербата и љубовта се сè, се останато е „дим и прашина.”

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk