Ристиќ-Пецаковска: Исклучок за здрава исхрана за синот не постои, јас понекогаш прекршувам правило

Сања Ристиќ-Пецаковска по професија е специјалист по маркетинг со 12-годишно искуство во маркетинг агенции и медиуми. Уште поважна улога има како мајка на Иан и сопруга на ракометарот Дејан Пецаковски. Во јавноста е позната поборничка за здрав начин на живот кој подразбира вежбање и здрава исхрана.

На нејзината фигура многу мајки можат да и позавидат, имајќи предвид дека телото го доведе во форма многу брзо по породувањето.

Сања, за читателките на мама365 открива во што е тајната на изгледот и како секоја жена може истиот да го постигне.

Мајките можат само да ви позавидат на линијата, но оние што ве познаваат од поодамна ќе кажат дека вежбањето е ваш стил на живот. Што според вас подразбира овој начин на живот?

-Вежбам откако знам за себе, отсекогаш ме привлекувал спортот и физичката активност. Еден период во животот бев и полупрофесионален тренер по кик-фит, но сега веќе се занимавам само рекреативно.

Колку време дневно посветувате на вежбање и за каков тип на вежби станува збор?

-Последниов период вежбам фитнес со професионален тренер, неколку пати неделно по еден час. Овие тренинзи ги покриват сите мускулни групи и се претежно вежби со сопствен тежина или пак со помош на полесни тегови. Фитнес-справите никогаш не ми биле омилени, не се пронајдов во нив малку ми беа монотони, бидејќи сум љубител на поактивен тренинг. Така времето ми поминува побрзо и ми е далеку позабавно.

Освен што физичката активност е пресудна за вашиот изглед, од големо значење е и исхраната. Како изгледа дневното мени на Сања?

– Внимавам на исхрната колку што можам иако во денешно време со сите дневни активности малку е невозможно да се посветам комплетно на здрави оброци, така што се случува понекогаш и да скршнам од патот. Вегетаријанец сум и љубам најмногу посна храна. Утрото го започнувам со смути од овошје или зеленчук, за ручек прктикувам некоја манџичка од мешункасти растенија, а за вечера некоја вкусна сочна салата во комбинација со семиња, просо, киноа и сл. Моите омилени здрави рецепти несебично ги споделувам на мојот инстаграм профил @sanjalala, така што секој што нема идеја што денес да зготви, може да најде по нешто на истиот.

Имајќи го предвид вашиот стил на живот, сосема логично е здравиот начин на исхрана да го применувате на вашиот син. Успевате ли во тоа?

-Иако кажав дека за мене понекогаш правам исклучок, за малиот Иан ова правило не важи. За Иан приготвувам исклучиво здрави оброци со состојки кои се прилагодени за неговата возраст и потреби. Свесна сум дека ова нема да биде така лесно кога ќе порасне и кога сам ќе може да одлучи што ќе јаде но, до тогаш ќе се трудам максимално да се посветам на неговите здрави оброци и навики. Којзнае како ќе биде.

Како се заштитувате од „поткупувањата“ од страна на бабите и дедовците? Бидејќи не ретко родителите наметнуваат одредени принципи но затоа најблиските околу детето ги кршат истите?

-На таа тема сум ужасно „лоша” ќерка и снаа и многу јасно и гласно ги кажувам своите ставови за исхраната на детето. Сметам дека секоја мајка, или секој родител, е оној кој треба да одлучи што ќе јаде детето и останатите немаат право на одлука наместо нив. Како што велат, секоја мајка најубаво знае што е најдобро за своето дете, како смета таа – така.

Како успевате да ги усогласите секојдневните обврски како мајка и жена која професионално е реализирана?

-Малку ми е тешко со оглед дека мојот сопруг Дејан е професионален спортист и работните денови не е во Скопје. Сама сум со Иан, но некако успевам да се снајдам да стигнам насекаде. Со оглед дека немам друг избор, се снаоѓам. Иан оди во градинка додека јас ги завршувам сите обврски, а откако ќе го земам веќе ништо не е важно и постои само тој во моето попладне.

Вашиот сопруг Дејан Пецаковски е ракометар, па веројатно е полесно до држењето до принципи кога исхраната и вежбањето се во прашање. Дали вежбате заедно?

-Кога сме заедно и имаме можност правиме по некој тренинг заедно. Убаво е што двајцата сме на иста бранова должина на таа тема, па често зборуваме за здрав живот и вежбање. Оброците практикуваме да ни се хранливи и здрави, за Иан да има добар пример за следење на убави навики во однос на исхраната.

Како изгледа еден семеен ден што вообичаено правите кога сте заедно?

-Наши семејни денови се викендите. Стануваме рано и по појадокот се посветувме на Иан. Шетаме во паркот, играме и го забавуваме. Важно ни е да ја прими секоја доза родителска љубов од двајцата родители имајќи предвид дека Дејан не го гледа секој ден. Додека Иан преспива ние си готвиме нешто вкусно за јадење. Откако ќе се рзбуди повторно фокусот е на него – излегуваме или играме дома ако времето не е погодно, ни доаѓаат гости и дечиња или ние одиме кај нив бидејќи Иан е многу социјализирано и весело детенце. Кога привршува денот следува капење на Иан, вечера и спиење по спроведен ред, без исклучок. Тогаш мама и тато се опуштаат, гледаат некој филм со убава вечера и чаша вино.

Која е вашата порака до мајките, во однос на здравјето на децата но и нивниот изглед кој и тоа како е поврзан со нивната самодоверба?

-Мојот ум вели дека децата треба да се хранат здраво, да се учат на здрави навики и да се обрнува големо внимание на нивното воспитување и најважно да им се дарува многу љубов. Се што тие сега ќе научат ќе се преслика во нивниот возрасен карактер подоцна. Но, така мислам јас. Ако некоја мајка мисли поинаку мојот совет нека го прими исклучиво добронамерно, а понатаму нека прави како мисли и чувствува дека е најдобро за своето детенце. Сепак мајчинскиот инстинкт никогаш не не лаже. Се додека нашите дечиња се здрави, насмеани, спокојни и послушни на добар пат сме да градиме здрава иднина.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk