РСБСП: Внимавајте каде се движите и извадете ги рацете од џеб

Објавено на: Jan 11, 2017 од Мама Силвана

Движете се по тротоарот секогаш кога е можно, а ако не е, користете го крајниот лев раб од коловозот и следете ги возилата кои ви доаѓаат од спротивната страна. Не го бркајте зеленото светло за пешаци или автобусот, избегнувајте да носите торби и други предмети кои ја нарушуваат вашата рамнотежа, никогаш не се движете со рацете во џеб, секогаш преминувајте ја улицата на пешачки премин, советуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно, особено во услови на намалена видливост и тоа сериозно може да влијае на вашата безбедност во сообраќајот.

– Соодветните обувки му овозможуваат на пешакот да чекори со целото стапало и да има добар и стабилен контакт со подлогата по која се движи. Обувките треба да се со соодветна потпора и да не се лизгаат на снег, додава РСБСП.

Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, пешачките премини може да бидат доста опасни и при самото разминување на пешаците.

– Внимавајте каде чекорите. Гледајте пред себе и пропуштете го пешакот кој ви доаѓа од спротива. При преминување на улицата немојте да застанувате меѓу двете коловозни ленти зашто возачите не ве очекуваат таму и може да бидете удрени од возило кое се движи по влажен и лизгав коловоз. Бидете особено внимателни кога се качувате или излегувате од автобус или автомобил или кога се движите помеѓу паркирани возила и излегувате на улица, носете светла облека со рефлектирачки додатоци особено во рани зори и во приквечерието, истакнува РСБСП.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…