Секое дете до 6 години, лани било петпати на лекар поради респираторни болести

Секое дете на возраст од 0 до 6 години, лани било на лекар во просек пет пати, покажуваат податоците на Центарот за јавно здравје. Најчесто децата заболувале од болести на респираторниот систем кои сите овие години се на прво место на заболувања кај децата.

„Оваа година има зголемен број на регистрирани заболувања за 19.787 во однос на 2015 година. Стапката на специфичниот морбидитет е за 7,6 проценти повисока во однос на минатата година. Почесто во текот на 2016 година боледувале децата од машки пол. Во вкупниот амбулантно-поликлинички морбидитет на децата на возраст од 0-6 години, во 2016 година, десет водечки групи на болести сочинуваат 96,5 отсто од вкупниот морбидитет“, се вели во извештајот.

Во Скопскиот регион, амбулантно-поликлиничките здравствени услуги во здравствената заштита на деца на оваа возраст регистрирале 260.710 случаи на болести и патолошки состојби, со специфична стапка на морбидитет од 4878,8/1000.

Загадениот воздух е една од причините за се почестите респираторни заболувања кај децата. Со дишењето на ПМ10 честичките кои во овој период се неколку пати над дозволените граници се предизвикува прерана смрт, проблеми со дишењето, астма, силно кашлање, болки при дишењето, хроничен бронхитис, намалена функција на белите дробови, проблем да се земе здив, пголемување на ризикот од срцев удар, зголемување на ризикот од заболување од рак, зголемување на ризикот од аномалии кај новороденчињата.

Децата страдаат поради тоа што нивните бели дробови сè уште се развиваат и им е потребен повеќе воздух отколку на возрасен човек. Белите дробови може да не се развијат како што би можеле кога воздухот би бил чист. Ваквиот воздух им ја намалува нивната функција уште додека се мали и потоа е доцна за подобрување на ситуацијата. Со тоа расте и ризикот за заболување од астма.

Што да се направи и како децата да се заштитат?

Од коалицијата „О2“, која се бори за чист воздух и здрава животна средина информираат дека, во недостаток на мерки кои ќе владеат во тек на целата критична, грејна сезона, како некаква можност за реагирање од страна на локалната власт и задолжително спроведување на краткорочните мерки се токму Праговите на информирање и алармирање за ПМ10.

„Примарната функција на праговите е заштитна, а безбедно ниво на PM10 нема. Затоа, неопходно е алармантната состојба да биде прогласена соодветно реалноста и опасностите по здравјето по секој жител, а не соодветно избегнување на бројот на уклучувања на тој аларм. Ако град Скопје не може да донесе сет мерки кои ќе важат во тек на целата грејна сезона, тогаш прагот ќе мора да ја отсликува реалноста на загадувањето со ПМ10, а не да ја избегнува истата“, велат од таму.

Тие бараат прагот на информирање за ПМ10 честиците да биде 50 микрограми на метар кубен, а никако повисок од 75 микрограми на метар кубен, два дена последователно.

СЗО препорачува изложеноста да не е поголема од 20 микрограми на метар кубен годишно со максимално 3 дена годишно над 50 микрограми на метар кубен, без дополнителни услови.

„Клучното кај двата прага е нивото и времетраењето. Колку што се овие две вредности подолги и повисоко, толку се последиците по здравјето подраматични и штетата за сите граѓани е далеку поголема. Праг на информирање за PM10 ги дефинира пониските концентрации, кои, откако ќе бидат надминати се ризик за човековото здравје при краткотрајна изложеност и е потребно навремено информирање на ранливата категорија граѓани, децата, хронично болните, бремените жени, постарите лица. Праг на алармирање за PМ10 е кога концентрациите достигнале ниво и времетраење, при што и кратка изложеност носи голем здравствен ризик за целото население и согласно Законот веднаш стапуваат во сила итни мерки кои, во најбрз можен рок, ќе го намалат нивото до дозволеното“, информираат од Коалицијата.

 

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk