Татковците кај нас се повеќе користат породилно отсуство

Вкупно 54 татковци лани користеле породилно отсуство, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување.

Тоа е речиси двојно поголема бројка од 2015 година кога тоа го сториле 29 татковци, 14 татковци во 2014 година, 16 татковци во 2013 година и 19 во 2012 година.

Законот за работни односи предвидува дека или мајката или таткото можат да користат породилно отсуство за време од девет месеци.

Двајца татковци кои користеле породилно отстуство, го споделија своето искуство со мама365.мк

„Воопшто не размислував дали да земам породилно отсуство и во договор со сопругата заеднички донесовме таква одлука. Олеснителна околност беше тоа што сопругата не доеше, не по своја волја туку немаше млеко, и многу бргу влегов во шемата на „хранење“. Кога повторувате некоја работа, многу бргу и ја учите, па така за кратко време совладав на нашиот син Михаил да му менувам пелени, да го облекувам и сл. Капењето го правевме заедно со сопругата“, вели Бојан Стојковски.

Тој додава дека за оваа одлука, на почеток најмногу го задевале неговите другари, а најголемо воодушевување и одобрување доживеал од жените.

„Мажи како мажи ме задеваа дека наместо со шише млеко, треба да се дружам со шише пиво, но секако тоа беше само мала шега. На почеток им беше чудно, но потоа се адаптираа на обврските на нивниот другар“, додава Бојан.

Тој вели дека Михаил сега има две години оди во градинка и воопшто не жали што, наместо сопругата, тој останал на породилно.

„Сопругата работи во странска фирма и не можеше да си дозволи да отсуствува девет месеци. Побезболно беше јас да земам породилно отсуство, што воедно одговараше и за нашиот семеен буџет“, вели тој.

Дејан Андоновски има слично искуство со Бојан и како што вели во нашиот разговор, истото им го препорачува и на другите татковци.

„Сфатив дека на тој начин создадов една посебна врска со детето, која е непроценлива и ништо не може да ја надомести. Ништо не ми беше тешко, бидејќи и сопругата многу ми олеснуваше. Одвечер ќе подготвеше се што е врзано за утрешниот ден.Ние мажите сме помалку умешни кога станува збор за правење неколку работи одеднаш, па е од голема помош кога некој однапред ќе не организира“, вели Андоновски.

Тој на шега додаде дека на почеток детето го нарекувало „мама“, но потоа, како што вели, сфатил дека можеби само си ја барало мајката.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk