Цековски: Најмладото дете кое користи дрога по пат на инјектирање има само 8 години

Загрижени од растечките трендови на употреба на психоактивни супстанции меѓу малолетниците во Македонија и посветени да изнајдат соодветни решенија во интерес на децата, повеќе институции и организации формираа Национално координативно тело за деца кои употребуваат дроги.

Координативното тело е составено од номинирани претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, Народниот правобранител, УНИЦЕФ, Црвениот крст на Република Македонија и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Почнувајќи од 2018 година, унапредувањето на грижата за децата кои употребуваат дроги треба да биде меѓу приоритетите на сите засегнати институции и организации, во рамки на надлежностите, вклучувајќи и конкретни активности во годишните програми за работа.

По овој повод, разговаравме со Ивица Цековски од ХОПС кој подетално не запозна со состојбата во Македонија по однос на ова прашање.

Дали има официјални податоци колку малолетници употребуваат психоактивни супстанци?

-Во нашата држава не постојат официјални податоци за вкупниот број на малолетници кои употребуваат психоактивни супстанци. Здружението ХОПС од 2014 година во Скопје спроведува теренска програма за социјална заштита на децата кои употребуваат психоактивни супстанци, и од тогаш имаме исконтактирано вкупно 85 малолетници. Најмладото дете кое користи дрога по пат на инјектирање има само 8 години, додека најмладото дете кое инхалира лепак почнало од 3 годишна возраст.

Но, програмата на ХОПС е специјализирана само за најранливите деца, кои често живеат на улица. Колешката Воскре Наумоска – Илиева ја доловува сликата со која се соочучуваат нашите тимови во нејзиниот напис„И јас имам право на третман и хуман однос“.

Вкупниот број на деца кои употтребуваат психоактивни супстанци веројатно е поголем, што впрочем го наведува и Институтот за јавно здравје во нивниот Извештај за употреба на алкохол, цигари и дроги кај училишната младина (ЕПСАД) во 2015 година, според кој дури 1,9% од средношколците со наполнети 16 години употребувале инхаланти (лепаци и други испарливи суспстанци), а дури 0,9% пробале хероин. Овој извештај бележи и растечки тренд на употреба на психоактивни суспатнции меѓу средношколците, во споредба со претходни истражувања.

Колку институциите се ефикасни во решавањето на овој проблем?

-И покрај растечките трендови на употреба на психоактивни супстанци, во Македонија не е развиен систематизиран пристап, посебно во обезбедувањето на социјална и здравствена заштита на овие деца.

На пример, и покрај сите заложби од ХОПС, ниту еден малолетник не започнал со лекување на зависноста, пред сѐ поради административни бариери. Колешката Силвана Наумова во нејзиниот напис „Уште една тажна приказна“ добро ги илустрира предизвиците преку студија на случај, додека Александра Спасовска во написот „Потреби за воведување социјални услуги за деца кои употребуваат дроги“ ги образложува систематските пропусти.

Но добро е тоа што кај чинителите постои воља за конечно да се реши ова прашање, што се демонстрира и преку неодамнешното формирање на Национално координативно тело за деца кои употребуваат дроги.

Усвојувањето на протоколот за медицински третман на малолетници кои употребуваат психоактивни супстанци од страна на Министерството за здравство, кој е веќе подготвен но седи затворен и недостапен во нивните фиоки повеќе години, треба да е прв чекор врз чија основа понатаму би се развивала сеопфатна програма која секако треба да вклучи психолошка и социјална поддршка на децата и нивните семејства.

Какви се светските практики за инклузивност на децата кои употребуваат дроги?

-Добрите искуства од светот секогаш се резултат на развиена соработка  меѓу службите за социјална и здравствена заштита, безбедност и образование. Доста успешни се интегрираните сервиси, односно центри во кои сета неопходна грижа за малолетниците и нивните семејства се достапни на едно место.

Ова подразбира едукација, психосоцијална поддршка за децата и нивните семејства, домување – доколку е потребно, амбулантска или болничка медицинска нега – за која постојат различни пристапи според типот на зависноста, но и континуирани напори за рехабилитација и општествена реинтеграција за време и по завршувањето на лекувањето, а со цел да се спречат рецидиви, односно повторна употреба на психоактивни сустанци.

Дали постојат психолошки советувалишта за семејствата на овие малолетници имајќи предвид дека тоа е и семеен проблем?

-Психолошката поддршка на децата и целите семејства е значаен елемент за успешноста на третманот на зависноста. Но во рамки на државните институции не постојат специјализирани советувалишта за психосоцијална поддршка на малолетниците кои употребуваат психоактивни сусптанци и нивните семејства.

Постојат приватни психолошки и психијатриски ординации кои нудат вакви услуги, но тие не се пристапни за семејствата кои не можат финансиски да си ги дозволат. Во Скопје, Здружението ХОПС има дневен центар за рехабилитација и ресоцијализација, кој меѓу другото нуди и бесплатна психосоцијална поддршка и советување, педагошка поддршка и многу други активност наменети за децата кои употребуваат психоактивни супстанци и нивните семејства.

Здружението ХЕРА, пак, има советувалиште за превенција од употреба на дроги и други психоактивни супстанции за средношколци. Ова секако не е доволно за да ги задоволи потребите и неопходно е развивање на слични и проширени сервиси не само во Скопје, туку и во други градови.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk