Што значи треперење на око

Треперењето на окото, медицински познато и како Блефароспазам или Миокимија е присилно треперење на очниот капак. Исто така се споменува и како грч на очниот мускул. Поимот Блефароспазам всушност важи и за било кое друго неправилно треперење или присилно трзање на очниот капак и неконтролирани контракции на мускулите на очниот капак.
Некои луѓе доживуваат треперење во долниот дел од окото, а другиот на горниот капак. Треперењето е честа појава, и може да се случи и на двете очи.

Што го предизвикува?

Точните причини се непознати но се верува дека е поврзано со абнормалното функционирање на одредени нервни подрачја кои се наоѓаат во базата на мозокот, кои ја контролираат координацијата на мускулите и движењата.

Често се појавува симптомот на суво око пред или за време на треперењето на окото. Некои истражувања покажуваат дека токму сувите очи се причинител за треперење.

Останатите причини вклучуваат:

– Стрес
– Иритација на рожницата или конјкутивата
– Замор
– Недостаток од сон
– Подолго зјапање во екранот на компјутерот или телевизорот
– Нарушување на нервниот систем
– Прекумерна доза на кофеин

Иако треперењето на окото генерално се смета за безопасна појава, доколку сте доживеале некои од овие симптоми подолу, консултирајте се со доктор:

– Треперење на окото повеќе од седум дена.
– Треперење на окото целосно ги затвора очните капаци и спречува нормален вид
– Треперењето се шири на другите делови од вашето лице
– Ако сте забележеле црвенило, оток или исцедок од окото
– Горниот капак е опуштен

Како се лекува?

Додека за посериозните случаи треба да се јавите на доктор, за поблагите случаи на треперење кои воглавно е предизвикано од стрес, се препорачува одмор, намалено внесување на кофеин, медитациј или било што што би можело да ве релаксира.

Митови поврзани со треперењето

Сега доаѓа интересниот дел. Суеверијата поврзани со треперењето на окото се познати во многу култури, а голем број луѓе и денес веруваат во нив. Додека (повеќето) луѓе на Балканот веруваат дека треперењето на левото око значи лоша среќа, повеќе од милијарда луѓе во Кина веруваат дека тоа е знак на добра среќа.

Кинеска верзија

Додека треперењето на левото око значи среќа, треперењето на десното се смета за лош знак. Во случајот кај жените, ситуацијата е обратна. Треперењето на десното око значи среќа, а на левото лош знак. Исто така се верува дека треперењето на долниот лев капак може да значи дека ќе заплачете или дека некој ве озборува.

Индиска верзија

Во Индија е обратно од Кина. Десно око – добри вести. Лево око – лоша среќа.

Верзии во делови од Африка

Во некои делови од Африка, треперењето на долниот капак значи плачење, а горниот капак е знак на неочекувана средба.

Хавајска верзија

На Хаваите, треперењето сигнализира доаѓање на странец. Освен тоа, постојат и други верзии кои велат дека доколку ви трепери левото око тогаш тоа може да значи уништување на семејството.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk