2.500 деца од претшколска возраст имаат оштетен вид во Македонија

2.500 деца од претшколска возраст имаат оштетен вид во Македонија, информираше денеска Суарет Алишан од НВО „Детски свет нов почеток“.

Тој додаде дека е потребно подобрување на квалитетот во образованието, социјалната инклузија која им е неопходна на децата со визуелно нарушување, инфраструктура, дактилни патеки и многу други работи кои би го олесниле пристапот за нив.

Алишан вели дека лицата со визуелно нарушување се еднакви како и останатите без оглед на нивната попреченост.

– Бројката од 2.500 деца со оштетен вид е застрашувачка, бидејќи тоа се деца од претшколска возраст и во неа не се опфатени децата од основните и средните училиштата, високото образование или деца кои никогаш немале пристап до училишната клупа – рече Алишан.

Тој посочи дека тие се еднакви како и останатите деца, дека училиштето „Димитар Влахов“ е отворено и за останатите деца без оглед дали имаат визуелна попреченост.

По повод 15 октомври, Меѓународниот ден на белиот стап – симбол на лицата со визуелно нарушување на видот, на плоштадот Македонија ќе се одржи симулација каде луѓе кои немаат пречки во видот со превез ќе свртат еден круг околу фонтаната за да видат како лицата со оштетен вид поминуваат едно секојдневие во општеството.

Алишан нагласи дека нивниот фокус понатаму ќе биде соработка со сите организации, активна донаторска сметка, а средствата ќе бидат наменети за мултисензорна опрема и простор, што им е потребно на децата со оштетен вид од најмала до најголема возраст.

Министерството за образование и наука веќе изготвило програма и од 2018/2019 година во оваа установа ќе има преодно средно образование, т.е.општа гимназија.

Надлежните посочија дека мора да се работи на полето на квалитетот на образованието, на условите и на наставните средства и помагала кои им се повеќе од потребни на овие ученици за да можат да ги совладаат содржините предвидени во наставните планови.

 

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk