Велат, ако имаш храброст да кажеш „збогум“, животот ќе те награди со ново „здраво“

Велат, ако имаш храброст да кажеш „збогум“, животот ќе те награди со ново „здраво“ !

А јас, јас со некоја доза на чудна манијакална тврдоглавост упорно се држев за човекот кој ме правеше несреќна, за врската помеѓу нас двајцата која беше толку токсична. Што знам, можеби верував дека можам да го променам, можеби верував дека љубовта ќе победи се, ќе биде над сите несогласувања и неволји. Постојано отварав нов чадор, бидејќи силниот ветер го извиткуваше претходниот, надевајќи се дека пред мене е само уште една бура.

Всушност, јас се плашев да одам. Стравот од промените ме притисна до ѕидот на мечтите за промените. Се залажував дека уште постои љубов. Знаев дека ако заминам ќе ми биде тешко. Но дали ќе ми беше тешко што ќе го немам повеќе тој човек до мене? Дали јас го имам и сега? Или едноставно сум навикната да го давам максимумот од себе, да се вложувам со сета своја љубов, енергија и време, до толку навикната што не би знаела како понатаму – нешто слично како кога на птицата во кафезот ќе и ја отворат вратичката, но таа не се помрднува. Не знае што да прави надвор од тој кафез.

Пак се бунтува нешто во мене. Јас не заслужувам таков однос! Јас не заслужувам некој да е толку неправеден кон мене како што е тој. Давам се од себе, а се чувствувам несреќна и опустошена. Морам да одам, морам да се соочам со својот страв. Ништо тука нема да се промени, ништо затоа што нема волја да биде променето.
Сега сум сама. Но сфатив, поосамена бев кога бев со него. Сега сум спокојна. Самата на себе доволна. Мојата среќа не е повеќе условена од нечие присуство-колку ослободувачко чувство е тоа!

Ако и вие, како и јас порано, чувствувате дека ништо повеќе не ве држи таму каде што сте освен навиката која произлегува од тоа што е и стравот од тоа што ќе биде-заминете! Да се остане во врска која е олицетворение на емоционална суша е уште поболно од првиот чекор кон неизвесноста. Пронајдете ја храбоста, здружете се со одлучноста. Слушајте ја својата интуиција. Пуштете го тоа што всушност одамна и го немате. Одлучете се да бидете среќни, животот е прекраток!

Likes:
0 0
Views:
17
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *