Денот кога посакав да бидам ужасна мајка

Велат рана интервенција. Откако ќе го пројдеш целиот тој пат пред и после категоризацијата одеднаш немаш идеа каде на терапија. Дали да се смееш или да плачеш.. Не знаеш. Најверојатно и двете.

Пред се, ќе зборувам за околината. Сите те уверуваат дека претеруваш и дека си луда. Секое дете има свое темпо на развој. Постојано слушаш-ова дете прозборе дури на четири, друго на пет години….

„Знаеш, твојата тетка прозборе многу подоцна, можеби и твоето дете е на неа!“ – најслушаната реченица во овој период од животот!

И така, од нафталин вадиме податоци за сите необични роднини и по мајчина и по таткова линија. Таа вечер одиш на спиење малку посмирена. Добро, значи не си нормална, навистина, кога правиш од мува слон. Детето е добро.

Ама знаеш дека не е само говорот што доцни во прашање.

Зошто во паркот не седнува на лулашката, не се лизга по лизгалките? Зошто не се подава или не шутира топка? Зошто само стои и фиксирано ги набљудува автомобилите на улицата? Го може тоа со часови. Да го претвориш тоа во смислена игра е невозможна мисија. Играчките служат за кршење или шарање по нив, дури и за ритмички вртења низ рацете.

Одлучуваш да одиш на лекар. Педијатарот ќе знае што понатаму. А тој ти вели дека најверојатно ти си пациент затоа што од здраво дете сакаш да направиш медицински проблем.

Зошто ги игнорира другите деца, не се врти кога ќе го викнам, се однесува како да не сме во нејзина близина?-прашувам.

„Затоа што е премногу паметна, а на паметните деца се што е обично им е досадно“-вели докторката.

Ете, кој не сака да слушне дека детето му е паметно? Мажот ми ме гледа прекорно велејќи ми-„ете ја слушна докторката.“

Јас му ги покажувам останатите деца во населбата. Разговарај со нив малку. Имаат фантазија.

На крај сопругот одлучи да ме поддржи. Тешко му е, сите свои надежи ги темели на мојата грешка и претерување.

А јас се мислам колку сакам да сум во голема грешка.

Добиваме упат за специјалист со напомена дека сум нервозна мајка. Мајката будалетинка оди кај психологот. Велам уште од вратата: Ве молам избркајте ме. Мислам дека имам некоја болест, измислувам дека детето мое има аутизам. Читав за тоа нешто на интернет ама не знам веќе ништо. Речете ми дека сум ужасна мајка па да си одам дома!

„Влезете мајка“- ми вели психологот. Сигурна сум дека не сте дошле без причина.

Во тој момент сакам да слушнам дека имам некој психички проблем и дека ќе треба да одам на психијатар. Сакам да слушнам дека сето тоа што го слушав од родителите, роднините, од соседите позади грб..дека сето тоа е точно. Сакам да слушнам се освен дека моето дете не е во ред.

По два часа го слушам спротивното, токму тоа од што се плашев. Зошто тоа не го потврдивте веднаш туку му велевте дека има елементи на первазивно нарушување?

Имам една остра болка под ребрата. Ме боцка силно, морам да се сконцентрирам на дишењето. Не знам дали ќе повратам или ќе почнам да плачам. Можеби и двете.

Сопругот ме гледа фиксирано. Немам идеа како сега овој човек ќе вози до дома. Од шокот не гледа ништо освен мојот профил додека одам или седам до него.

Треба да го утешам. Но како да го утешам него кога немам сила да се утешам самата себе. Ниту знам како да го направам тоа. Сакам сите да исчезнат, се околу мене. Сакам да изчезнам и јас, во некоја црна дупка.

Ми вели докторката “Не се вознемирувајте толку, мајка, не биди толку тажна. Вашето дете не е болно, нема тешка болест, нема да умре”

Знам, ќе живее. Но како? Ќе оди ли на училиште? Ќе има ли пријатели? Дали ќе може самостојно да се грижи за себе кога ќе умреме ние?
Што кога нас нема да не биде на овој свет? Што тогаш? Ме стега нешто во градите, пак!

Докторката ми вели да мислам ден за ден, а не толку многу однапред.

Сита сум од сите “добронамерни ” советувања.

Аутизмот не е терминална болест, од неа никој не умрел. Освен родителите, секој ден по малку.

Но, како и секогаш надежта последна умира. Јас и мојата надеж сме уште живи.  Токму таа една трошка од неа сеуште е жива и сјае како јагленче во ноќта.

Ги бришам солзите и си велам „еј, смири се, му требаш на твоето дете“! Излегувам од собата, разлевам насмевка врз моето рането срце и живеам.

Likes:
0 0
Views:
97
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published.