Детето со парче тага и виножито на образот-кратка исповед на детето со аутизам

Секое дете заслужува љубов. Секое дете, без исклучок, вклучувајќи ги и децата со попречености.

Во ова емотивна исповед едно дете со аутизам кое се чувствува несакано и несфатено од сите објаснува дека она што најмногу му треба е љубовта.

Јас сум дете и имам лице.

Јас сум мало дете и имам лице на кое често плива насмевката. Ќе ја закачам на носот, ќе ја постелам преку лицето, меѓу двете дупчиња на образите и ќе се погледнам во огледалото.

Јас сум дете и околу мојата насмевка расте еден свет.

Соба. Мама. Тато. Надвор. Тоа е мојот свет.

Јас сум дете и во мојот свет одат луѓе. Тие немаат лица, само мирис и глас.

Луѓето ги пејат зборовите. Јас гледам што тие мислат. Само нивните мисли можам да ги видам јасно како што ја гледам мојата насмевка во огледалото. Но кога нивните мисли ќе ги претворат во зборови, тогаш тие веќе не се вистински и не постојат. Како да ги пејат. Како да пејат неубави мисли или нешто што не го мислат навистина. Затоа не ги слушам. Затоа не говорам.

Го сфатив тоа одамна. Сега во мојот свет има само два збора што понекогаш ѕвонат како во празно окно.

Едниот збор е моето име. Луѓето го изговараат и значи нежност. А кога мислат на него значи страв.

Јас сум дете и имам име за кое се мисли со страв а се изговара со нежност.

Вториот збор е аутизам.

Тој збор во главата на мојата мајка развива болка која таа ја свива под своите солзи. Тој збор во главата на мојот татко разбеснува и се претвора во врисок кој го крши на парчиња.

А кога ќе го изговорат вториот збор е шепот.

Јас сум дете, имам лице на кое често плива насмевка, имам свет во кои луѓето без лица пејат зборови кои не ги мислат и имам аутизам.

Аутизмот е шепот кој расте од тага и бес поради немоќта.

Денес од мојот свет исчезнаа маминиот и гласот на тато. Пред железните врати за едната рака ме држеше тато, а за другата некој плишан пингвин. Молчат.

Чувствувам тато размислува за очајот кој го дроби, а пингвинот молчи.

Тогаш ме земаа некои други луѓе. Од нивниот мирис се плашам. Нивните гласови ме вознемируваат и ме тераат да бегам.

Кога ќе врискам ме ставаат на кревет. Затоа молчам. Можеби и ќе ме врзат. Затоа молчам. Нивните јазли на каишите не ги смируваат моите врисоци. Но тоа тие не го знаат.

Јас сум дете кое често го сонува огледалото. Но, во него нема одраз повеќе. Меѓу дупчињата на образите нема насмевка. Во тие дупчиња понекогаш застануваат моите солзи што се трклаат надолу. Светкаат во боите на сонцето кое протекува низ решетките на прозорите. Бело, жолто, црвено, сино…

Јас сум дете и имам свет кој не го сака мојот врисок, имам аутизам, а на моите образи се разлеала само тага.

Likes:
0 0
Views:
19
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *