Што е тоа биохемиска бременост

По незаштитениот сексуален однос со партнерот, менструалниот циклус на жената доцни. По вториот ден и понатаму од изостанокот на менструалниот циклус, доколку жената направи домашен тест за бременост можно е истиот да не ја покаже бременоста која веќе постои. По одреден временски интервал, во просек околу една недела доцнење на менструалниот циклус започнува крварење.

Поголемиот број жени во тој момент воопшто не помислуваат дека се бремени, односно на крварењето гледаат како на менструален циклус кој задоцнил не знаејќи дека всушност нејзиното тело го отфрла ембрионот.

Овој случај медицински се нарекува биохемиска бременост.

Биохемиската бременост иако постои често не може да се открие со домашен тест за бременост преку урина и многу тешко може да се согледа при ултразвучен преглед. Поради тоа што многу ретко бременоста се открива крварењето излгеда скоро како класично менструално крварење ( можно е со поголем интензитет на течението или траење подолго за два до три дена )

Називот биохемиска бременост потекнува токму од фактот дека овој вид на бременост може да се открие само со помош на крвна анализа, односно преку тн. бета тест кој ја утврдува количината на бета hCG хормоните кои ги има во исклучително мала количина во тој момент, недоволно за да домашниот тест за бременост преку урина ја утврди бременоста.

Доколку постои бременост, менструалниот циклус доцни односно се појавува подоцнежно. Но, доколку дошло до зачнување а жената не е свесна за тоа, задоцнетото менструално крварење всушност значи спонтан абортус при кој телото го отфрла ембрионот.

Според гинеколозите, до ова отфрлање на плодот доаѓа поради неколку фактори. Во основа понекогаш телото на жената самото ги одбира добрите ембриони, а ги отфрла останатите. Телото препознава дека нешто не е во ред и создава непријателска средина за ембрионот со ‘грешка’. Под терминот ‘грешка’ се мисли на плод кој што има хромозомска аномалија, односно грешка која се случува при спојувањето на јајце клетката и сперматозоидот.

Како причина за отфрлувањето на плодот веднаш по зачнувањето се наведува и ослабениот имунолошки систем на мајката, присуство на бактериска инфекција ( кламидија и микроплазма ) и др.

Likes:
0 0
Views:
20
Article Categories:
ЗДРАВЈЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *