Во седната положба за прв пат-кога бебето е подготвено за тоа

Внимавајте на бебешкиот рбетен столб – предупредуваат педијатрите и ортопедите.

Многу често гордите родители или пак воодушевените баби и дедовци го држат бебето во раце со едната рака под газето на бебето или пак го ставаат бебето во количка во седната положба за да не му биде досадно и да гледа наоколу. Но со тоа прават голема грешка, која што може негативно да се влијае врз состојбата на рбетниот столб на бебето.

Ако бебињата се принудуваат да седат на возраст во која не се телесно и физички подготвени за тоа, рбетниот столб се наоѓа под големо оптоварување што може да предизвика појава на одредени деформитети.

Не го ставајте детето меѓу еден куп перници како потпора ако тоа самото не знае да седи. Тоа не е природна положба за детето бидејќи тогаш седи свиткано со свиен рбетен столб. Всушност, честото ставање на бебето во пасивна седечка позиција, со цел тоа што поскоро да се подготви за седење, процес што најчесто се случува после четвртиот, односно петтиот месец од животот, може да предизвика спротивен ефект. Најдобар начин да се подготви едно бебе за седечката позиција е зајакнување на мускулатурата и моторичките способности, преку едноставни вежби што можете да ги изведувате со поставување на бебето на цврста рамна подлога.

Секој родител треба да биде упатен во тоа што, односно кои спекти од движењата бебето може да совлада и на која возраст. Не го принудувајте детето да седне пред самото да покаже способност за тоа. Иако сепак секое дете индивидуално напредува и се развива, најчесто бебињата сами манифестираат способност за седење околу осмиот месец од животот. Со навршување на една година старост, повеќето бебиња веќе можат од странична положба да завземат седечка позиција самостојно, без помош.

Likes:
0 0
Views:
21
Article Categories:
ЗДРАВЈЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *