Мамо, има ли малку место и за мене?

Мојот петгодишен син има навика секој викенд, само што ќе се разбуди да влезе во спалната соба и да легне покрај мене. Ќе се приближи до мене и тивко ќе чека часовникот да отчука седум часот.

Пред неколку дена, едно утро кога дојде во спалната соба немаше доволно место за да легне на своето место покрај неговата мама. Нежно ми ја дофати раката и ми шепна: “Мамо, има ли место и за мене? “ Додека сонливо се помрднував кон работ од креветот тивко му реков: “за тебе секогаш ќе има место “
Вистина е дека не сакам рано да станувам, а особено не за викенд. Но сепак ги сакам оние посебни мигови кога уживам во прегратката и опојниот мирис на моето дете, па дури и кога се случуваат премногу рано. Често кога ќе го погалам по главата и нежно ќе го приближам до мене во топлата постела ми пролетува мислата низ глава дека еден ден мојот син ќе порасне и веќе нема да сака да го прави ова.

Колку пати, во секојдневните прилики што ги создава животот, мојот син побарал од мене да му дадам малку простор до мене а јас тоа не сум го направила? Многу почесто отколку што сакам да признаам, за жал.

“Мамо, дали сакаш да си поиграш со мене? “ Тоа што мојот син сакаше да ми го каже со таа реченица беше дали има место и за него меѓу сите тие садови, алишта за перење, готвење, пазарување?

“Мамо, те молам не се лути! “ Тоа што всушност мојот син ми го кажуваше беше дали има сеуште место за мене во твоето срце кога си лута поради моите постапки?

“ Мамо, ме слушна ли што ти реков“ всушност значи има ли место за мене во твојот преоптоварен ум, меѓу сета таа технологија за да можеш да ме слушнеш што имам да ти кажам?

И ова утро лежам до мојот син. Се уште стрелките на часовникот не покажуваат седум часот. Размислувам како е можно толку често да дозволувам секојдневните обврски да ме спречуваат да си поиграм со моето дете? Како е возможно толку често да дозволувам мојата лутина и нетрпение во мене да ја потиснат нежноста кон моето дете? Зошто современата технологија често ме спречува во намерата внимателно да го слушнам своето дете?

Сите ние имаме километарски листи со работни задачи. Сите ние сме истрошени на крајот од денот. Да, нервира и помалку е фрустрирачки секој ден да го чистиш истиот неред.

Но, еден ден, нашите деца ќе пораснат. Нема повеќе да сакаат толку често да се галат и да се прегрнуваат со нас. Ќе ги надраснат тие детски игри кои прават толку голем неред, собата ќе биде средена, а оние ситни грешки кои многу лесно се поправаат ќе бидат минато. Не знам дали и вие мислите исто, но јас не сакам тогаш кога ќе порасне мојот син да се свртам наназад и да зажалам што одамна, кога тој бил помал, не сум му го дала местото покрај мене, местото кое му припаѓа, местото во кое се чувствува важен и сакан.
Во ред е да покажам повеќе чувства и да го погалам своето дете дури и кога детето тоа не го бара, ниту пак го очекува од мене.
Во ред е да останам во неговиот кревет минута повеќе и да го наблудувам неговото спокојно слатко лице кое тоне во уште еден возбудлив детски сон.

Во ред е да уживам во неговата неодолива насмевка и бескрајна радост дури и ако тие произлегуваат од , за мене, некоја бесмислена игра.

… надевајќи се дека дента кога јас ќе му речам нему: “Сине имаш ли време да поразговараме“ тој ќе направи малку место и за мене.

Likes:
0 0
Views:
15
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *