Постои само една совршена мајка на светот и секое дете ја има

Драга мајко, ние не се запознавме лично, но имам чувство дека одамна те познавам, чувство дека знам многу работи за тебе.

Те видов вчера, и завчера. И минатата недела. Слушнав како го подигнуваш тонот на гласот на своите деца во јавност. Те видов како за момент ги игнорираш децата во паркот. Знам дека понекогаш навечер не се тушираш и дека можеш цел ден да го поминеш во старата пижама.

Те видов како ги молиш своите деца, како ги преколнуваш дури и со доза немоќ во гласот, кој само јас можам да го препознаам, и како им се закануваш. Те видов како му викаше на сопругот. И како викаше на мајка ти. И на службеничката на шалтер. И на сообраќајниот полицаец.

Те видов како трчаш по децата, како кажуваш низа пцовки кога колената ќе ти откажат послушност. Те видов како го дојадуваш сладоледот што го остави твоето три годишно дете.

Те видов како стискаш заби за да не пукнеш. Како нешто зборуваш по стоти пат, а децата не те слушаат. Како затвораш очи и длабоко дишеш кога ќе се обидеш да ја отстраниш флеката од тазе истуреното кафе на твоите омилени пантолани.
Те видов и во болницата. И во аптеката. Уплашена си понекогаш и уморна.

Често те гледам, те гледам секој ден.

Не знам дали уште од мали нозе си знаела дека сакаш да бидеш мајка или мајчинството те затекнало неспремна. Не знам кои се твоите очекувања и дали си ги поминала првите денови од мајчинството во страв дека никогаш нема да ја почувствуваш онаа голема љубов за која сите зборуваат.

Но всушност, јас  знам многу работи за тебе.

Знам дека не го добиваш баш секогаш тоа што го сакаш, а добиваш многу работи што никогаш не си ги сакала. Знам дека не веруваш дека го даваш максимумот од себе и дека секогаш мислиш дека можеш подобро.

Знам дека понекогаш, навечер, кога се ќе стивне, лежиш во креветот и плачеш. Од замор, од болка, но најмногу од неисполнетите очекувања.

Знам дека имаш тешки денови кои едвај чекаш да завршат. Тогаш доаѓа време за спиење, а твоите деца те прегрнуваат и ти велат дека те сакаат. И дека сакаат да бидат совршени, исто како тебе, кога ќе пораснат. Посакуваш тој момент да трае вечно.

Но, ниту еден ден не трае вечно. Доаѓа новиот. Семејство, пријатели, обврски, работни задачи, болести, разочарувања, радости, смеа, солзи…. Ти се случува животот и ти му се случуваш нему.

Секој ден, покрај тоа што ќе го правиш она што мислиш дека мораш, прави го и она што тебе ти причинува задоволство, она кое те потсетува која си ти всушност, она нешто кое ја храни и негува твојата прекрасна личност.

Погрижи се за се околу децата. Погрижи се за се околу семејството и домот. Но не заборавај дека треба да се грижиш и за себе, не заборавај да ги прекинеш сите работни обрвски во моментот кога ќе треба „ да бакнеш за да помине“.

Знам дека ги знаеш сите сликовници на памет.

Знам дека одиш во тоалетот со публика.

Знам дека го прекинуваш готвењето само за да се напиеш од замислениот чај на твоето дете послужен во слатки мали пластични шолјички.

Знам дека твоите деца јаделе само пудинг од чоколадо кога биле болни, а тебе ти било тоа ок, само нека јадат нешто.

Знам дека многу од овие работи не си ги очекувала. Можеби не си очекувала дека ќе сакаш некого толку многу. Не си била свесна дека со текот на времето ќе се помириш со состојбата во која се наоѓа твоето тело.

Не се оптоварувај со идеата да бидеш совршена мајка. Што и да направиш, како и да се однесуваш никогаш нема да бидеш совршена. Можеби тоа те прогонува. Можеби си се помирила со тоа. Можеби тоа никогаш не ти било проблем.

Сепак, и покрај тоа што не си совршена, подобра си отколку што мислиш.

Поговорката вели „ постои само едно совршено дете на светот и секоја мајка го има“ Но да не за заборавиме и другата страна на паричката – постои и само една совршена мајка на светот и секое дете ја има. Совршена комбинација.

Колку и да ти се чини дека не работиш доволно добро сепак твоите деца се чувствуваат сакано. Се уште веруваат дека можеш да поправиш и да излечиш се. Без разлика што се случило денес во градинката, во училиштето, во паркот- ти си направила да помине се и да зазори нова зора со нови можности, нов ден во кој твоите деца ќе бидат среќни.

Никој не може да се грижи подобро за твоите деца од тебе. За тоа го имаш сето потребно знаење и искуство. Никој друг не го разбира мрморењето на твоето едногодишно дете. Никој друг не ги разбира нивните шеги или која е причината зошто во моментот плачат. Тоа го знаеш само ти.

Бидејќи ниту една мајка не е совршена се уште постојат шанси да станеш најдобриот пример за твоите деца на овој свет.

Всушност ти си токму тоа, најдобра мајка за своите деца. Уживај во твојата улога.

Likes:
0 0
Views:
16
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *