Не заборавајте ја топлата супа како вкусно предјадење во ладните зимски денови.
Потребни состојки:
- 700 грама бело пилешко месо
- 3 моркови
- 50 грама конзервирана пченка
- 3 помали компири
- 1 главица кромид
- 300 грама шампињони
- 3 јајца
- 500 грама кисело млеко
- масло за јадење
- сол и црн пипер
- коцка пилешка супа
Начин на подготовка:
Пилешкото месо исецкајте го на коцки и сварете го заедно со коцката супа.
Во друг сад сварете ги морковите и компирот, кои претходно, исто така, сте ги исецкале на ситни коцки. Процедете откако ќе бидат готови.
Во меѓувреме подгответе го преливот. Во уште еден, подлабок сад, скршете ги јајцата, додадете сол и црн пипер и добро изматете ги. На крај додадете го киселото млеко и продолжете со матење додека смесата не стане хомогена.
Во сад на оган налејте масло за јадење и пропржете го кромидот заедно со печурките се додека не заруменат. Потоа додајте ги и претходно сварените состојки и пченката од конзерва. Зачинете по желба. Пржете кратко, а потоа состојките прелијте ги со мешавината од кисело млеко и јајца. Садот ставете го во претходно загреана рерна. Печете се додека преливот не зарумени.
На здравје!