За тебе мајко, жената која е темел, столб и покрив на нашата куќа

Тебе… Која ме носеше девет месеци под срцето. Тебе, која ме роди и ме научи да бидам своја. Те држев за здолништето до својата седма година, плачев кога одеше на работа. На десет веќе спиев во твојата ноќница. Никогаш нема да го заборавам мирисот на ноќницата, твојот мириз на рози и оние три копченца на градите кои светкаа во мракот.

Никогаш не ти кажав дека куќата беше како во голем мрак кога ќе си дојдев порано од училиште, а ти не беше дома. Никогаш не ти кажав дека најубави ми беа оние утра кога ќе се наведнеше врз мојата поспана глава и ќе ми шепнеше „ајде чедо, стани, утро е“.

Секогаш сите велеа дека личам на тато, но всушност, се почесто бев и сум како тебе. Малку загрижена, често внимателна, понекогаш неодлучна. Брзо пламнувам, уште побрзо се гаснам. Заборавам на се што е лошо и секогаш давам втора шанса на сите луѓе. Замисли, јас никогаш не ти кажав дека сум среќна што се повеќе наликувам на тебе. На тебе, жената која е темел, столб и кров на нашата куќа.

На тебе мајко, без која често имав чувство дека куќата би се срушила за миг, без која имав чувство дека молчењето ќе се продолжуваше до бескрај. Поради тебе домот мириса на колач и кифлички. Поради тебе постелата мириса на сонце и пролет.

Твоите раце исцедиле премногу чорапи од оцет и вода. Твоите уморни очи со ноќи бдееле покрај болните деца. Безброј недели поминати во готвење, во перење, во чистење, солзи и пот вложени во желбата да изградиш дом за твоите чеда.

Ни даде се што една мајка може да ни даде. И повеќе. Кога ќе помислам на тебе секогаш помислувам дека сепак постои едно нешто што требаше себеси да си го дадеш на дар-повеќе насмевки. Помалку да се грижиш, а наспроти тоа во мир да погледнеш кон сето добро што го правиш за сите околу тебе.

Замисли, мајко моја, јас всушност никогаш не сум ти рекла дека ти си зеницата во моето око, волшебниот мирис од моето детство. Без разлика каде и да ме однесе животот, мојот дом ќе биде таму каде што си ти.

Likes:
0 0
Views:
26
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *