Зошто мама е постојано лута?

Некој оставил чевли на средината од ходникот, а ти, за малку ќе се сопнеше од нив додека во рацете носиш преполна корпа со перени алишта.

Лутина… Чувство кое го чувствуваш кога ќе тргне од стапалата кон главата.

Ете… Уште некој заборавил да пушти вода во тоалетот. Чувството од претходно како да стасало до колената.
Домашната задача не е решена, книгите се расфрлани низ масата.А моливите и боичките??? Тоа е друга димензија-ги има и по подот.

Тоа непријатно чувство веќе стигнало до срцето.

Си велиш на самата себе: Диши, во ред е, ако не е ќе биде, нема цел да се изнавикаш на сиот глас, се може да се постигне со убаво.

Поминува време.

Почнуваш со подготовката на вечерата. Додека сечкаш со ножот свесна си дека ќе има илјада и еден приговор околу оброкот: Знаеш дека не јадам……. Зошто има брокула?…. Бљак…… Во тој миг, додека стоиш над шпоретот ете го, погодок директно во грбот ( може и тилот ) на метак од пластичната пушка играчка.

Експлозија.Чувството на лутина стаса до мозокот. Вриеш. Ја фрлаш лажицата во садоперот, со брзина на светлоста ја одземаш играчката од детските раце, а искри ти летаат од очите.

Тогаш, одеднаш во целата таа магла, успеваш да ги видиш спуштените рамена на твоето дете и неговиот збунето-исплашен поглед. Неговите очи те гледаат со прашање: Зошто мама никогаш не знае да се забавува?
Дали некогаш сте се запрашале зошто мајките се толку лути? Зошто тато кога ќе стигне дома од работа е весел и забавен, а се што ти размислуваш како мајка е „леле да не ги разбуди, само што ги успав децата“!

Наскоро е време за спиење. Зошто се потешко размислуваме за тоа колку нашите деца всушност уживаат во детството, си играат, се скокоткаат, а наспроти тоа, фокусоет го ставаме на тоа дека никој не ја закачил јакната на место или не ги ставил чевлите внатре на полицата?

Да, факт е дека се престапи, но тоа се ситни престапи, мали моменти кои можеби во текот на денот ќе делуваат како напад над здравиот разум.

Психолозите велат, лутината всушност, скоро никогаш не е примарна емоција. Често се случува, други чувства во позадина да ја предизвикаат лутината, како што се чувството на занемареност, на невидливост, чувството на пониска вредност, на немоќ….

Има смисла, зарем не?

Невозможно е да ги спречите сите напади на бес и лутина. Но може да ги предвидите. Разговрајте со себе. Мора да постои барем една потреба која не е задоволена. Повлечете се. Дајте си време да го оладите она што врие во вас. Нека се случува се и сешто во тој момент-сега сте вие важна. Никој не заслужува да живее константно со такво непријатно чувство-ниту вие, ниту вашите деца, ниту вашиот сопруг.

Вашиот сопруг знае, а и вашите деца знаат дека би влегле во оган за нивното добро. И вие заслужувате да знаете и да бидете сигурни дека и тие би го направиле истото за вас. Ако не е така, тогаш, после добриот и корисен разговор со самите себе, сварете кафе, седнете во друштво на вашите најблиски и почнете го разговорот-вториот дел од корисната превентивна метода.

Likes:
0 0
Views:
117
Article Categories:
ЖИВОТ

Leave a Reply

Your email address will not be published.