Арнаудова: Годината ќе ни биде возбудлива, очекуваме нов член во семејството

Објавено на: Dec 28, 2015 од Мама Силвана

Вообичаено за Кристина Петровски Арнаудова се пишува за нов албум, концерт, нова песна, спот, соработка што ја остварила со музичка група. Но, овојпат за мама365 таа зборува за тоа, како со семејството ќе ги поминат новогодишните и божиќните празници, радувањето на Максим на Дедо Мраз, очекувањето на приновата во следната година.

Таа е мајка, сопруга и жена која се радува на малите секојдневни нешта. Благодарна е за она што го има, а сака и друг да направи среќен. Во текот на овој месец, како семејство традиционално донираат онаму каде што е потребно. Апелира и другите семејства да го сторат истото.

Новогодишните и божиќните празници ќе ги помине во домашна атмосфера, а во јануари го очекува пристигнувањето на новиот член на семејството.

Колку новогодишните и божиќните празници предизвикуваат радост во вашето семејство? Дали ве обзема новогодишна еуфорија?

-Се радувам на овие празници, бидејќи знам колку Максим се радува на нив. Некако се наметнува таа позитивна енергија и еуфорија, која за жал во околината во која живееме, од година во година е помала, веројатно затоа што на се помалку луѓе им е до славење. Традиционално го китиме домот и го пуштаме божиќниот албум од Диана Крал додека го правиме тоа, па сите на глас пееме „Џингл белс“. Идилично е, морам да признаам. Потоа следуваат пакетчињата, па традиционалната посета на Дедо Мраз во нашиот дом, кога му ги носи сите подароци кои Максим си ги побарал. Во текот на овој месец, како семејство традиционално донираме онаму каде што е потребно, материјални средства, храна, облека и сл. Бидејќи не смееме да заборавиме никогаш, дека нема поголема среќа од онаа другиот да го направиш среќен. А многу семејства немаат услови да се радуваат на Новата година. Затоа апелирам, што повеќе семејства да ја практикуваат ова традиција на новогодишно донирање во хумани цели.

Дали Максим верува во приказната за Дедо Мраз, дали му пишува писма и што е неговата желба за годинава?

 -Па ние се трудиме да верува, му раскажуваме приказни, иако стотиците Дедо Мразовци на секој чекор, не помагаат околу тоа. Му ја рушат сликата дека Дедо Мраз е еден, па се мачам со објаснувања за вистинскиот и лажниот Дедо Мраз. Традиционално си прави листа на подароци, а оваа година на листата се гитара, микрофон, тапани и кујна за готвење, бидејќи кога ќе порасне сака да биде шеф и да биде како Гордон Ремсеј.

 Дали оставате подароци под елка и дали имате ритуал на отворање?

-Подароците ни ги носи Дедо Мраз дома, секако оној вистинскиот. Оваа година се помачивме да најдеме Дедо Мраз со вистинска бела брада, кој ќе личи на вистински, бидејќи сите останати тој веќе ги разоткри.

Каде ќе ги поминете празниците, дали претпочитате домашна атмосфера или пак во кругот на поширокото семејство и пријателите?

– Оваа година, ќе си останеме дома, бидејќи јас сум веќе во последниот месец од бременоста и не сум во можност да патувам повеќе. Посакувам барем да заврне снег, па да имаме малку од малку некаква новогодишна идила. Бадник и Божиќ ни се најубави празници. Тогаш сакам да сме дома, а јас уживам да ја спремам Бадниковата трпеза. И секако лепче со париче е најсреќниот миг, кога Максим се радува кога ќе му се падне паричето, а од кога е роден, скоро секоја година е кај него.

Бидејќи се помалку има новогодишно расположение, дали сметате дека луѓето повеќе не умеат да се радуваат на секојдневни работи и да пронајдат мала причина да бидат среќни?

 -Луѓето имаат забоправено да се радуваат на мали нешта, ги земаат работите здраво за готово и не ги есапат за среќа. Не ги прави среќни тоа што семејството им е здраво, што имаат кров над главата, што имаат храна за празниците. Забораваат колку многу луѓе ја немаат таа привилегија, да ги имаат тие нешта. Луѓето се станати алчни. Од друга страна, се повеќе луѓе се потонати во секојдневни проблеми и сиромаштија. Притиснати од банки, извршители, болести, нездрава средина за живеење, забораваат како да бидат насмеани и среќни. Оваа општество е махер за цицање на среќата од луѓето. Затоа, мора да сме способни среќата да си ја пронајдеме сами. Затоа што никој нема да ни дојде на врата и да ни ја даде на тацна. Среќата е нешто на што секојдневно се работи и што секојдневно мораме да ја бараме во малите нешта. Животот е краток, а повеќето не се ни свесни колку. Животот е денес, се останато, утре, задутре или ќе бидам среќен еден ден, не постои.

НАПРАВИ НЕШТО ЗА ПРВПАТ

 Како ја поминувате бременоста и дали внимавате на исхраната?

-Бременоста ја поминувам одлично, немам никакви проблем и среќна сум поради тоа. Опуштена сум и ништо не може да ме извади од колосек. Се трудам да се изолирам од секојдневни стресови и во овој миг, најважно ми е само здравјето на малото човече кое расте во мене. Влегувам во 9 месец и во јануари го очекуваме новиот член. Морам да признаам дека првиот пат бев многу подисциплинирана што се однесува до храната, овој пат бременоста ми прави киселини, па ме ограничува.Така што, не можам да јадам овошје во големи количини, кое инаку многу го кознумирам, а добив желба за некои работи кои никогаш не сум ги јадела. Мислев дека тоа е само мит, но ете и мене ми се случи. Единствено тешко во бременоста ми паѓа зголемувањето на килограмите, кое не можам да го поднесам, а заради мојата конституција на тело изгледа е неизбежно. Но, решeна сум и овојпат да дадам се од себе и во најбрзо можно време да се вратам во форма, бидејки нема ништо поважно од тоа, човек да се чувствува среќен во сопствената кожа. Не може да има среќно дете, ако мајката е несреќна и незадоволна, а јас сум среќна со себе кога се чувствувам убаво и лесно. Токму затоа немам разбирање за луѓето кои по сопствена одлука имаат многу килограми вишок на себе. Тоа е огромно мачење на телото и душата, а имаме само едно тело и треба со почит да се однесуваме кон него и да го чуваме.

Важите за хумана личност која секогаш помага кога може, а најчесто сте и жесток критичар на одредени општествени состојби кои влијаат врз здравјето како на пример загадувањето. Кој е вашиот апел до останатите мајки, за да го направиме ова општество подобро место за живеење?

-Родителите имаат многу поголема одговорност кон општеството, бидејќи не треба да мислат само на себе, туку она она што треба позади себе да им го остават на своите деца. Истото го мислам и за јавните личности. Дел од работата на една јавна личност е да има изградено мислење и во кризни ситуации да се труди да го наметне на јавноста и да направи промена во општеството. Јас не знам да молчам, таква сум. Сметам дека е тоа правилно, иако знам дека многумина ми забележуваат за тоа. Како мајка би ми било срам, ако не допсринесам за подобар живот, и ако еден ден моето дете ме праша, „зошто ништо не направивте?“ Загадувањето е огромен проблем, кој мислам дека не сме го сфатиле сериозно. Последиците ќе ги чувствуваме после неколку години, но ќе биде предоцна. Институциите не превземаат никаква одговорност и сите се обеземени со некакви дневно-политички активности. Се срамам што живеам во општество, каде што тоа да се биде најзагадена земја во светот не е ништо посебно, па одговорните не превземаат ништо околу тоа, а не чувствуваат ни одговорност што не оставија во ваква состојба години по ред.

Како ја оценувате годината што одминува и што очекувате од следната?

-За мене ова година беше убава, посакувам уште поубава година, со оглед на тоа што ќе ни пристигне уште еден член во семејството, не се ни сомневам во тоа дека ќе биде возбудлива, напорна, но и незаборавна. На личен професионален план посакувам да си остварам уште неколку желби, посакувам да напишам уште неколку добри песни. И како и секоја година, посакувам да направам нешто за првпат. Тоа е мојата филозофија за секоја Нова година. Направи нешто за првпат .


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…