Бебињата треба да проодуваат боси

Објавено на: Apr 20, 2015 од Мама Кате

Со самиот раст и развој на детето до крајот на првата декада од животот рамните стапала се губат кај околу 80% од децата. За овој правилен развој потребни се неколку предуслови. Прво, децата треба да проодуваат БОСИ, а не со чевли. За да не им е ладно на нозете треба да се заштитат со чорапи или калчунки. Чевли на децата им се обуваат кога ќе започнат да чекорат надвор на места каде треба да се заштитат од надворешните влијанија (ладно, влажно) или од повреди (убоди и пресекување). Дури и откога детето ќе трча стабилно наоколу, пожелно е секаде каде сме сигурни дека нема да се повреди да се пушта босо. Бебињата ги прават првите самостојни чекорења (со држење) околу 9 месечна возраст. Тоа го прават најчесто на прсти, а кога газат на целото стапало, стапалата се ротираат со прстите према надвор, а скокалните зглобови се спуштаат навнатре. Колку и да изгледаат овие работи невообичаени за возрасните, кај децата до три годишна возраст тоа не само што е нормално, туку и е потребно за правилниот развој на стапалата и за исправање на закривените подколеници кои ги имаат сите бебиња кога ќе се родат поради нивната положба во матката.

Освен тоа децата имаат полабави зглобови од возрасните, што претставува природна заштита од повреди, а со самиот раст и развој таа лабавост се губи. Затоа рамните стапала кај децата до 10 годишна возраст не се патолошки и се нарекуваат флексибилни рамни стапала. Откога децата ќе започнат да одат релативно стабилно и послободно да се движат надвор потребно е обувките (чевли, сандали или патики) да се меки, лесни, еластични, со мало или никакво перниче во внатрешноста на обувката, а скокалниот зглоб да е слободно подвижен. За формирање на стапалото најважен е еден мускул на подколеницата кој се вика musculus tibialis posterior, а тој се зајакнува со одењето на прсти и по нерамни површини, како што е песок, земја, трева и слично. Веќе од тригодишна возраст децата започнуваат да одат како возрасните (пета-прсти), но нивната активност се зголемува и тие започнуваат да скокаат и да доскокнуваат на прсти со што уште повеќе се зајакнува мускулатурата на подколениците, а постепено се губи и лабавоста на зглобовите. Во школската возраст децата започнуваат и со спортски активности. Сето горенаведено е превенција од останување на рамните стапала. Сепак во околу 20% од децата истите остануваат рамни и во возрасниот период од животот и обично не предизвикуваат никакви проблеми и не ги ограничуваат активностите. Интересен е податокот дека и кај врвните спортисти процентот на рамни стапала е околу 20%.


Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk



Коментари

Би можело да ве интересира и…