„Ботаничката градина во Загреб ми беше мотив за најновата колекција на Линеа“, интервју со модната креаторка Славица Басаровска

За себе вели-мене ми е препуштен најубавиот дел во семејната компанија. Модната креаторка на компанијата „Линеа“, Славица Басаровска, со години го создава идеалниот изглед на секоја дама. Боите, дезените, формите и моделите се нејзина секојдневна преокупација. Што да се сокрие а што да се потенцира, како да се почувствува задоволството пред огледало? Во интервју за Мама365, Басаровска открива и за тоа што и ги отвара греативните погледи и што ја мотивира додека работи.

Мама365: Нежни на допир, пријатни на себе, привлечни пред огледало. Колку е тешко жена да креира за жена и притоа да го привлече нејзиното внимание со најголемата пасија-гардеробата?

С.Б: Исклучиво задоволство, не постои тежина во тој процес. Знаете како и најтешката работа станува наједноставна, кога се работи со љубов.

Мама365: Изборот на материјал е 50% од успешната креација. Што избирате за вашите клиенти да бидат модерни а во исто време и да се чувствуваат удобно? На што треба и самите да внимаваат при изборот?

С.Б: На прво место е изборот на соодветниот материјал, а веднаш потоа се дезените и боите, но најважно во целиот процес е палетата на бои, којашто мора да биде перфектно усогласена. Квалитетот на материјалот еден многу битен фактор застапен во нашите колекции, на којшто се трудиме да останеме доследни со секоја наредна сезона. Дезените и боите се специјално изработени за секоја колекција, креирани за самата потреба на колекцијата, така што стануваат дел од палетата на колекцијата, која ја формира приказната позади неа. Сите моменти, ставени на едно место, ја формираат уникатноста на колекцијата, која и дава трендовски ефект, кој не избледува во неколку сезони.
Можам да резимирам, наше е да бидеме професионални во нашиот дел од работата, размислувајќи на сите аспекти додека да дојде готовиот производ во продажното место, додека на вас е само да го препознаете моделот којшто најдобро ќе се вклопи во вашиот стил и да не ја заборавите насмевката додека го носите 

Мама365: Новата колекција открива широк спектар на бои, весели комбинации, а сепак држи една линија која ја карактеризира „Линеа“. Кој беше фокусот по кој се водевте додека ја создававте?

С.Б: Секоја сезона, кога го започнувам концептот на колекцијата, се трудам да ги отворам сите сетила кон позитивноста што ја нуди моментот, којашто ја претварам во емоции преточени на хартија. Главен ‘виновник‘ за емоциите во колекцијата Пролет/Лето 2018 е Ботаничката Градина во Загреб….. Се приметува, нели?

Мама365: Претходно „Линеа“ создаваше облека за жената во позрели години. Последните неколку колекции очигледно се приближување и до помладите кои сакаат да изгледаат како дами. Зошто одлучивте да направите промена?

С.Б: Промената дојде спонтано откако неколку сезони го тестиравме пазарот со по неколку модели за помладите генерации, коишто наидоа на многу добар одзив, па одлучувме целосно да се сконцентрираме на помладата публика. Но и фактот дека помладите генерации во нашата фирма полека ги завземаат своите места во менаџментот во компанијата, мислам дека има многу голем придонес 

Мама365: Додека зборуваме за летната, вие работите на есенската и зимската колекција. Што ќе биде модерно да се носи кога ќе залади?

С.Б: Би сакала подолго да трае ова летната колекција…. има овде материјал за работа, континуирана инспирација е пролетта и летото, но секако за неколку месеци ќе дојде есен, и она што ке биде впечатливо за есента е дека ќе ни биде многу тешко да се откажеме од светлите бои, па ќе си ги вклопиме и во есенските комбинации, и ќе ни биде супер ;-).
Инаку една мала корекција, моментално работиме на Пролет/Лето 2019, Есен/Зима 2018, веќе одамна не на моето работно биро….

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk