Демотивирани наставници, неписмени ученици

Децата од второ и од трето одделение ги препознаваат буквите, но не читаат течно. Имаат сериозни проблеми и ниско ниво на разбирање на содржината. Тешко им оди и со основните математички операции. Ова се резултати од истражувањето на фондацијата „Чекор по чекор“ и на УСАИД. Тестирани се 8.000 ученици на македонски, албански и турски наставен јазик, од сите основни училишта во македонија. Меѓу причините за лошите резултати на македонските ученици, освен образованието на родителите, посетувањето на градинка и читањето книги во домот, беа посочени и наставниците кои немаат мотив за работа со децата, поради ниските плати. Дополнителен проблем се традиционалните методи по кои учат македонските ученици каде наставникот е пренесувач на знаење, а ученикот-слушател. Според истражувачите, ова под итно мора да претрпи проимени.

Мама365 направи интервју со наставничката Весела Богдановиќ која беше избрана меѓу најдобрите 50 во светот. Таа е една од ретките која користи модерни методи на пренесување на програмата, а работи за истата сума како и останатите колеги. И нејзе месечната плата и е кочница во мотивацијата, но верува оти брзо нешто ќе се смени.

Мама365: Тешко ли е да се биде партнер со ученикот?

В.Б. Да се биде партнер со ученикот е подеднакво лесно колку и неопходно. Навистина не знам како изгледа тоа кога учителот не е партнер со своите ученици. Што се случува таму? Тоа мора да е многу тешко. Партнерството со учениците и родителите на нашите ученици е основа за работа во оваа професија.

Мама365: Колку време дневно поминувате на подготовка и примена на сите методи?

В.Б. Методите се како „азбука„, „разбирлив јазик„ која ни помага да допреме до учениците, да го привлечеме и задржиме нивното внимание, а со тоа да постигнеме резултати во поглед на успешноста на усвојување, разбирање и примена на изучен материјал. Методот на игра, дидактичка стимулација и истражување се методи кои јас ги носам во срцето и токму поради тоа не ме оптеретуваат за време на подготовката. Тоа е некако како спонтан процес. Најголем дел од идеите ми се раѓаат дури и кога не сум планирала време за нови идеи тој ден. Понекогаш мислам дека никој на светот друг не може да ми наметне повеќе нови обврски од оние кои сама си ги наметнувам на себе. Околината, средствата околу мене знаат да ме измамат и да ме втурнат во нов предизвик за кој сум помислила дека вреди да се сработи за радост на дечињата. Често тврдам дека, работата е и мое хоби. Веројатно таа љубов носи сила која помага да се истрае во такво темпо во кое се обидувате да направите нешто добро и ново за децата а воедно уживате и во новиот предизвик . Некогаш ми се случува и со недели да работам на една идеја за која сум одлучила да најдам начин за да ја сместам во рамки за реализација на конкретни цели затоа што знам дека ќе им значи на дечињата, ќе им направи радост. Не се плашам од времето за подготовка и работам од срце на неа се додека не сум сигурна дека се движам во вистинска насока и дека сум подготвена да направам „бајка„. Не е лошо учителот да биде самокритичен и да се сомнева во себе и своите способности и идеи како што тоа јас често го правама со себе си. Тоа е она што може да не однесе кон подобри решенија и воља за доживотно учење и соработка со другите колеги. Лошо е да бидеш горд и самоуверен сезнајко кој смета дека нема повеќе што да учи и дека она што го знае и применува е најдоброто кое детето го добива. Децата секогаш сакаат промени. Ако тоа го знаеме тогаш нам ни останува предизвикот да се обидуваме да бидеме различни за да не станеме здодевни, се разбира доколку сме навистина искрено вљубени во оваа професија.

Мама365: Најголема демотивација за работа на вашите колеги им претставуваат малите месечни примања. Како го компензирате вложениот труд, време и енергија со законски одредената плата за една учителка?

В. Б. И јас сум подеднакво демотивирана учителка како и моите колеги . Колку сум само демотивирана кога би знаеле, нашиов разговор би траел два дена за сите точки од мојот список на фактори за демотивација. Ниската плата е само една алка во низата кои не демотивираат секојдневно или буквално, не сопнуваат. Со години без модели за мотивација, охрабрувања и наградувања, учителот во ова општество во очите на децата и возрасните, за жал, личи на сомнителна личност која мора будно да се следи и проверува како мало дете од кое само се очекува да направи штета а доброто кое го прави може да биде игнорирано. Денес затоа е лесно да се кренат раце од вложување во оваа професија. Јас искрено се надевам, верувам и знам дека ова е миг кога нашата професија конечно доби нова прилика да го врати достоинство кое го заслужува и за себе и за доброто на децата. Во овој миг се случуваат позитивни промени за да се поправи оваа искривена слика но и целата ситуација во образованието. Треба време, верба и трпение но ние веќе солидно пловиме нагоре. Нашата нова министерка верува во нас и знае кои модели на мерки мотивираат за работа. Верува во нас како што ние веруваме во секој наш ученик и како што ние се обидуваме да го поттикнеме најдоброто во секој еден, најдобар или ученик кому му е потребна повеќе поддршка. Јас сум дел од тие промени и тоа е најдобрата компензација за сиот мој труд 24/7 што сум го влужавала во изминативе 15 години работно искуство.

Мама365: Како се справувате со немирни деца? Како со деца со потешкотии во развојот?

В.Б. Децата сакаат да бидат сакани. Секој сака да биде прифатен, поддржан и сфатен и во добро и во лошо. И кај нив владеат истите механизми на одбрана како и кај возрасните. И ние и тие, подобро функционираме во средина каде се гледа и цени доброто а не само лошото во нас. Ако некому постојано му потенцираме колку е лош тој таа претстава ја усвојува како свој белег токму помогнато од нашето повторување и нашиот став. За него станува „нормално„ да биде лош. За него препреката до станување пофален ученик се крева брзо нагоре, далеку од достиг и тој станува убеден дека и онака е веќе висока за да може да ја стигне и да се поправи, па сеедно му е веќе што е „лош“. Јас се обидувам да бидам партнер кој е тука и во лошо и во добро за моите дечиња. Како велат старите„Пријателот во лошо време се познава“ . Знам да игнорирам случки за кои проценувам дека во тој миг немам ниту соодветни зборови кои се од помош ниту соодветна порака која баш тогаш може да биде примена и во тие настанати услови. Чекам погодна прилика и другарски се навраќам со пример и совет. Често советувам онака „на увце“ без јавни критики. Редовно охрабрувам минимални чекори затоа што знам колку е секој различен и знам дека секој има своја „петка“ за која напорно работел колу што можел и така добивам масимално вложување од страна на тоа дете во следната прилика.

Мама365: Која е Вашата професионална цел?

В.Б. Мојата професионална цел не е нешто што го гледам во иднината и за кое се надевам да биде остварено некогаш. Јас секојдневно ја остварувам мојата цел токму преку акциите за кои зборував. Подобро образование по мерка на детето, мотивирани учителу, креативни и весели училници, учење низ игра, математика преку приказни….Тоа се моите цели на кои работам како знам и умеам, каде и да стигнам, кога и да стигнам, но по тежок пат. Сите активности за кои зборував ги работам ентузијастички без плус заработка за вложен труд освен редовна плата а на сметка на денонокие. Не се жалам поради тоа. Тоа е мој избор, моја љубов но еве, добро е да се знае нели? Ова е време кога не смееш да сонуваш за цели и да чекаш да се случи чудо само затоа што си имал супер визија. Ова е време кога мораш да работиш сам на себе и најпрвин со себе си како најсигурен партнер, за да ги оставариш своите цели градејќи си пат дури и онаму каде нема ниту дива патека.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk