Џаровска: И мајката на близнаци мора да има време за себе

Да се израсне дете е тешка, одговорна и најубава задача. Да се израснат две во исто време е истото само на квадрат. Познатата новинарка Милица Џаровска вели дека со добра организација времето со близнаците може да биде олеснето. Нејзините Лука и Лара неодамна наполнија 11 години. Во интервју за мама365 зборува за помошта што ја добива цело ова време, за дозволените и забранетите работи дома и ги советува идните родители кои очекуваат близнаци.

Мама365: Велат-чувањето близнаци е исклучително тешка задача за еден родител. Неодамна го прославивте 11-тиот роденден. После малиот јубилеј, се сметаш ли за херој-мајка?

Милица Џаровска: Не, никаков херој не сум јас, тие изрази се претерани. Ако гледаме така, секој родител е херој за своето дете и секое дете е херој за својот родител. Сосема е нормално дека најубавото и најважното нешто ни се децата, и дека на сите нас кои имаме деца, светот околу нив се ни се врти. Лара и Лука ги исчувавме Игор и јас заедно, и се разбира мајка ми со нејзината голема помош. Тројца сме во целата приказна од кога се родија, а тука се и родителите на Игор кога и да затреба, и татко ми да ги забавува со неговите досетки. Лара и Лука се среќни што имаат еден неконвенционален, кул дедо 🙂 Кога беа бебиња и кога мојот дневен ритам беше неизменично доење на секои 45 минути, знаев да се пошегувам дека Игор го прави истите работи како и јас (пресоблекување, успивање, капење), само уште му млеко му фали да ги надои, хахаха. Мајка ми го навиваше часовникот во пет и нас не праќаше на спиење по активната ноќ со две бебиња.

Мама365: Децата се најчесто огледало на родителите. Судејќи според фотографиите кои ги објавуваш, Лара и Лука по многу работи ја отсликуваат непосредноста, позитивноста и природноста на мама и тато. Што е забрането а што задолжително во вашиот дом?

Милица Џаровска: Задолжителна е насмевката, играта, излетите и времето што го поминуваме заедно. Ако е возможно, би го забранила повишениот тон и ситните кавги, ама и тоа мора да се случува, особено во овој период кога пубертетот на голема врата ни пристигнува дома. Така според мене се гради здраво семејство. Признавам дека сум мајка што сака многу нешта да им удоволи на своите деца, понекогаш и ги разгалувам и се трудам да не ги ограничувам во детската слобода. Јас пораснав без ограничувања во колку часот треба да сум дома по излегување, од мала знаев дека со родителите треба да си искрен и дека семејните тајни треба да се чуваат. И сега мислам дека ако на децата им пристапите со убаво, ако не се претера со строгоста и со забраните во одредени ситуации, и тие ќе ви вратат со добро, ќе станат добри луѓе. Она за што ми е многу важно за моите деца е да се културни. Добар ден, и благодарам, без тоа кај мене не може.

Мама365: Што те восхитува гледајќи како помагаш во креирањето на две нови личности?

Милица Џаровска: Нивната креативност и талент. Со љубов го гледам Лука кога ќе седне на клавир и во секунда по слух ќе симне некоја негова омилена песна. Јас завршив средно музичко, тој е илјада пати поталентиран од мене. Или Лара која со голем мерак се подготвува за секое ново снимање во филмското училиште Тинтири минтири. Хуманоста и емпатијата на Лара кон послабите и нејзината големата љубов за животните. Другарскиот-братски однос на Лука кон братучедите и кон другарите и неговата чудесна енергија. Умешноста во кујна самиот да си подготви јадење и неговата страст уште од мал, алатите, поправањето стари работи, мерак ми е што за тоа е ист како Иги. Сега е колекционер на стари телефони од осумдесетите, фасциниран од старата технологија. Лара кога со онаа нејзина слатка насмевка ќе ми прочита состав по македонски или ново сценарио за монолог по глума, е во тоа е на мене.

Мама365: Поврзаноста на близнаците, велат, не завршува со сечењето на папочната врвца. Каков е односот на Лука и Лара?

Милица Џаровска: Сега се поблиски од времето кога беа мали, посвесни колку си се потребни еден на друг. Лука, иако е помал една минута како поголем батко ја брани ако некој ја задева во училиште. Лара кога е немирна и не сака да ме послуша, само Лука е тој кој може да ја смири. Си имат свои шеми, откачени игри и некој свој измислен јазик. Да не се такви, турбо, би било здодевно по дома.

Кој е советот за идните родители кои чекаат близнаци?

Милица Џаровска: Без паника, поголема радост нема. Малку е лудо дур се мали, но само со добра организација и добра помош се ќе се постигне. Мајка ми и Игор секогаш се трудеа јас да имам време за себе си, да прошетам, да одам на блиц кафе со другарките дури и кога Лара и Лука беа бебиња. Времето квалитетно потрошено за себеси квалитетно влијае и дома. Среќна мајка, среќни деца.

Facebook Comments
Мама365.мк ги задржува сите авторски права. Оваа содржина НЕ смее да се копира, размножува или на било кој друг начин да се дистрибуира без писмено одобрение од мама365.мк. Превземањето може да се врши ЕДИНСТВЕНО со наведување на мама365.мк како извор на содржината, со линк до соодветната содржина поставена на изворната страна www.mama365.mk